ЕкономијаМакедонија

Славески: Мерките на Владата се задоцнети, невработеноста може повторно да го надмине нивото од 20%

79views

Мерките на Владата се задоцнети, недоречени и конфузни, стапката на невработеност повторно ќе го надмине нивото од 20%,  вели во интервју за Република, редовниот професор на Економскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и поранешен министер за финансии, Трајко Славески.

Тој потсетува дека на почетокот на март во ТВ дебата со министерот за финансии Нина Ангеловска јасно укажал дека за кратко време може да ни се случи драстичен пад на економската активност и колапс на приходите во буџетот.

-Пораката беше дека, откако веќе беа регистрирани првите неколку случаи на заразени со новиот корона вирус, владата треба да има јасен план за справување со претстојната рецесија на економски план, паралелно со јакнењето на здравствениот систем за прифаќање и третман на заболените. За жал, разбравме дека за таков план сеуште не се размислувало, а увереноста дека земјата е целосно подготвена да се справи со какви било последици од кризата се темелела на „одличната кондиција“ во која се наоѓал буџетот во првите два месеци од годината. Наскоро дознавме дека во тој период, подготвувајќи се за предвремените парламентарни избори, владата на СДСМ веќе реализирала 25% од планираниот буџетски дефицит за цела година, вели Славески.

Тој смета дека Владата, поради стеснетиот фискален простор за адекватен одговор на последиците од економската рецесија, тргнал со многу рестриктивен пристап.

-Прво, предвидените износи за поддршка беа релативно мали во споредба со помошта што ја понудија соседните земји. Второ, се поставија прилично рестриктивни услови за претпријатијата да можат да се квалификуваат за помошта. Подоцна под притисок на јавноста уредбите со законска сила со кои се инаугурираа овие мерки се менуваа со цел олабавување на условите, што говори за слаб капацитет во владиниот тим за носење поефикасни и брзо спроведливи мерки. Трето, иако беше јавно укажувано, од поддршката беа испуштени значајни делови од економијата, каков што беше случајот со армијата самовработени лица. И ова подоцна мораше да се коригира со менување на веќе донесените уредби. Четврто, токму поради стравот од неликвидност во буџетот и неизвесноста за обезбедување финансиски средства од надвор, со мерките за поддршка на платите на вработените, а со цел зачувување на работните места, владата се оглуши на барањата на компаниите и предлозите од опозицијата поддршката да се однесува и на загубите во март, кога цели сектори престанаа со работа со декрет на владата заради потребата од спречување на ширењето на заразата со вирусот. И петто, поддршката за исплата на плати во износ на минималната плата, со обврска на работодавачите да ги покријат социјалните придонеси и персоналниот данок од доход создаде револт и забуна кај погодените компании. Ова сигурно ќе одврати голем број од нив од аплицирање за користење на помошта и отпуштање на вработени. Накусо, мерките на владата во оваа сфера се задоцнети, недоречени и конфузни, вели Славески.

Додава дека во моментов тешко е прецизно да се измерат економските штети, особено не на самиот почеток од настапувањето на рецесијата.

-Треба да ги раздвоиме директните и индиректните ефекти, од една страна, и краткорочните и долгорочните ефекти, од друга. Едно е јасно, економските последици ќе се чувствуваат значително подолго и во периодот по спласнувањето на пандемијата со болеста COVID 19. Понатаму, сѐ зависи колку ќе трае потребата од „социјално раздалечување“ за забавување и спечување на ширењето на заразата со новиот корона вирус. Моја лична проценка е дека кон средината на јуни ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и кај нас, со што ќе се создадат услови за обновување на економската активност таму каде што претходно замрела, посочува Славески.

Тој вели дека предлог-мерките на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се совпаѓаат со тие на бизнис заедницата која се труди да го преброди овој тежок период, за да ги задржи работните места и да ги одржи во живот претпријатијата во наметнатиот период на хибернација.

-Така, од ден на ден станува неспорно дека: а) помошта за погодените компании треба да се однесува и за март; б) субвенцијата за плати во висина на минималната плата е недоволна, а кога на тоа ќе се пресметаат придонесите и персоналниот данок кои се на товар на работодавачот, за голем број субјекти се чини дека е поприфатлива опцијата отпуштање на вработените со можно затворање на бизнисите, вели Славески.

Целото интервју на професорот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ можете да го прочитате на порталот Република.