МакедонијаСветот на работникотСиндикат

СОНК: Да се внимава да не се создаде технолошки вишок при имплементација на дуалното образование

   Време за читање 5 минути

Бобан Илијевски

СОНК смета дека дуалното образование е процес кој би довел до креирање на повеќе стручни кадри, но апелира да се внимава да не создаде технолошки вишок кај вработените. 

СОНК е за секоја реформа во насока на подобрување на квалитетот на образованието, вклучително и имплементирање на дуалното образование, но треба да се внимава тие реформи да не предизвикаат технолошки вишок на вработените во стручното образование, вели Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков за Порталот Работник.

„Како резулатот на реформираното образование ќе излегуваат кадри кои ќе ги задоволуваат потребите на пазарот на трудот. Ние сме сведоци дека во моментов во Македонија има недостаток на квалификуван кадар во техничките дејности. Овој проблем не е од сега, туку тој датира повеќе од 15 години“, вели Неделков.

Според него проблемот лежи во тоа што техничкото образование е доведено на маргините во процесот на основното образование. Истакна дека многу малку учениците професионално се информираат и ориентираат во однос на техничките струки, има празни средни технички училишта, без разлика за која струка и да се работи и многу мал е интересот од страна на ученците да ги изучуваат техничките струки и аналогно на ова, без сериозна конкуренција во овој образовен процес, излегуваат кадри кои немаат квалификации да конкурираат на пазарот на трудот.

„Ние сме за секаков вид на реформирање на образованието, но многу е важно во секое реформирање да биде вклучен и СОНК и се разбира, сите реформи коишто ќе се прават, да не предизвикуваат технолошки вишок на вработените. Од аспект на сигурност на работното место, сегашните професори коишто работат во средните стручни училишта мора да бидат задржани на работа“, рече Неделков.

Во однос на петнаесетте средни стручни училишта, каде што има воведено пробно дуално образование, Неделков вели дека тоа не предизвикало негативни последици врз вработените. Тој смета дека комапниите можат да им овозможат на учениците од средните стручни училишта да научат многу за идната професија којашто би ја работеле, што е позитивен исчекор во креирање на стручни кадри. Сепак, тој уште еднаш предупредува дека СОНК мора да биде вклучен во целиот процес на реформирање.

Неделков рече дека се надева дека наскоро ќе бидат вклучени од страна на Министерството за образование, особено во изготвувањето на законот за средно стручно образование.

МОН: Процесот за воведување на дуалното образование е по теркот на развиените европски земји.

Од Министерството за образование и наука за порталот Работник рекоа дека процесот на воведување на концептот на дуално образование по принципот на развиените европски земји, како Швајцарија и Германија е отпочнат во 2017 година. Истиот подразбира обучување на учениците за време на наставата директно на работно место кај работодавач, односно подразбира учење преку работа.

„Овој концепт, најпрво се воведе во едно средно училиште во Скопје од областа на електротехниката „Михајло Пупин“ кое заедно со врвната партнерска компанија ЕВН Македонија започна имплементација на планот за едукација на учениците“, истакнаа од МОН.

Според нив во учебната 2018/2019 година, концептот се вовел и во две други стручни училишта СОУ „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Од учебната 2019-2020 година започнал да се реализира и во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп и СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола. Компании кои имаат потреба од ваков кадар и директно се вклучуваат во соработка со училиштата се: Dräxlmaier од Кавадарци, Костал, ЛТХ Леарница, ODW – Elektronik од Охрид, Kromberg & Schubert од Битола и Гентерм, Витаминка од Прилеп.

„Компаниите кои се вклучуваат во спроведувањето на оваа реформа, ја преземаат обврската да ги покријат трошоците за пат, да обезбедат топол оброк и паричен надомест за учениците додека се на практична обука и најважно да им понудат вработување по завршување на образованието“, истакнаа од МОН.

Од МОН посочија дека целта е дуалното образование да стане системско решение, имплементирано во сите средни стручни училишта. Дуалното образование започнало со 33 ученици во две паралелки, а веќе годинава има 15 паралелки и 287 ученици. Според нив, ова значи дека концептот е прифатлив за сите засегнати страни и постепено се проширува, со опфат на нови училишта и со вклучување на нови компании.

Велат дека релативно е рано да се говори за предизвиците со кои се соочува имплементацијата на овој концепт, бидејќи сепак, започнал да се спроведува од неодамна и сеуште нема голем број вклучени училишта и компании кои би дале свое видување, сугестии и забелешки на целиот процес. Токму оваа година ќе дипломира првата генерација која се едуцира според овој концепт (паралелката 20-20-20 во СУГС „Михајло Пупин“ ).

Од МОН се задоволни од досегашната имплементација и инсистираат на забрзување на процесот. Во меѓувреме, за сите сугестии и предлози за унапредување на концептот, од МОН велат дека како и досега се отворени за дискусија.