МакедонијаСиндикат

СОНК: Доколку не бидат прифатени нашите барања, многу веројатно е дека новата учебна година нема да започне

СОНК: Доколку не бидат прифатени - Работник
1.77Kviews

Помина повеќе од еден месец, од последниот протест на Конфедерацијата на слободни синдикати, каде што гранков синдикат е и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, а се уште нема никаков одговор од Владата. За тоа што следува понатаму, Порталот Работник се обрати до СОНК.

Од СОНК рекоа дека од 8 јуни па се до денеска немале никаков одговор на нивните барања кои биле јавно поставени коишто биле упатени  до ресорните министерства и до Владата на Р. Македонија.

„За жал одговор за работна средба немаше, што ги потврдува нашите кажувања за тоа дека социјалниот дијалог практично не постои на ниво коешто ќе ги задоволи потребите на синдикатите“, велат од СОНК.

Тие истакнаа дека загрижува и фактот што после протестот било испратено и писмо до Премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев. Меѓутоа после еден месец и неколку денови немаат одговор, иако навеле дека неопходно е за нивните барања да се преговара со Владата, особено во однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор, како и некакви реформски зафати коишто се планира да се реализираат во јавниот сектор.

Велат дека Советот на СОНК одржал седница, неколку дена после протестот ги разгледал сите аспекти во организацијата на протестот и посебен акцент ставил на тоа што ќе преземе синдикатот, доколку не се прифатат барањата.

Според нив, едно од основните барања на СОНК поставени до Министерството за образование и наука било зголемувањето на платите во дејностите на основното, средното, високото образование и науката.

Од СОНК истакнаа дека околу ова барање сеуште немаат одговор од Министерството за образование и наука и поради тоа заклучок на Советот на СОНК бил да се достават соодветни прашања до синдикалните организации, со коишто биле одржани состаноци и во вид на записник да се достават како информација до Советот на СОНК, за тоа што раководството да преземе понатаму.

Додадоа дека меѓу опциите на членството е и организирање на генерален штрајк, кој би се случил на почетокот од новата учебна година. За таа цел, во тек било прибирањето на одговори од синдикалните организации коишто ќе продолжат после 15 – 20 август и Советот на СОНК ќе одлучи што понатака.

Испратија апел до Министерството за Образование, многу сериозни да ги сфати нивните барања и дека доколку не го направи тоа, новата учебна година веројатно и нема да започне.