МакедонијаСиндикат

СОНК изрази добра волја: Ќе му дадат уште една недела на МОН за изнаоѓање на конкретни предлози

СОНК изрази добра волја - Работник
1.43Kviews

Денеска на последниот ден од одлуката на Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК за преговори со Министерството за Образование и Наука, имавме преговори со Министерот и неговиот тим каде што единствена точка од дневниот ред за преговори беше зголемувањето на платите во дејноста образование, рече Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за порталот Работник.

Тој истакна дека тие ги вкрстиле аргументите и констатирале дека расположение по однос на ова прашање има и од двете страни.

„Барање од Министерот беше да прифатиме пролонгирање на преговорите за уште една недела, што значи дека при крајот на оваа недела или почетокот на следната недела, би ги имале конкретните податоци од нивниот предлог“, рече Неделков.

Неделков наведе дека Министерот им рекол дека оваа недела ќе ја искористат за конечните пресметки во Министерството за финансии, за консултации внатре во Владата и градење на став на национално ниво, во однос на тоа кога и колку ќе бидат зголемени платите во дејноста образование.

„Ние почитувајќи го коректниот и квалитетен дијалог со Министерството за образование, сметаме дека е добро да им дадеме шанса на Министерството и на Владата, да ја искористат оваа недела и конечно идната недела да имаме крајни преговори, со што на маса ќе бидат ставени конкретни податоци, за да после видиме што ќе одлучи Советот, дали ќе се прифатат или пак ќе се отфрлат“, додаде Неделков.

Порталот Работник го контактираше и Министерот за Образование, но не добивме одговор.