МакедонијаСиндикат

СОНК и МОН ги прибилижија ставовите, договор се очекува во наредните денови (Видео)

СОНК и МОН ги прибилижија ставовите - Работник
243views

Преговорите продолжуваат на најконструктивен начин и има приближување и напредок во нашите ставови, истакна Министерот за образование и наука Арбер Адеми по состанокот во Владата, на кој присуствуваше и Премиерот Зоран Заев, со Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков.

Адеми наведе дека преговорите ќе продолжат во наредните денови и дека како Влада се максимално заинтересирани да ги подобрат состојбите околу материјалниот и социјалниот статус на вработените во дејноста образование.

„Сме заинтересирани за следно историско покачување на платите, а конечен договор би требало да се постигне во наредните денови. Ние ќе бидеме во постојана комуникација со Претседателот на СОНК. Има позитивни знаци кои покажуваат дека ги приближуваме ставовите“, рече Адеми.

На новинарското прашање дали ќе го прифатат барањето на СОНК за зголемување на платите за 10 проценти од 1 јануари 2020 година, Адеми рече дека сите опции се разгледуваат и има напредок.

 

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека точно е дека има напредок во преговорите и точно е дека има поместување од позициите.

„Денеска на овие преговори на највисоко ниво каде што учествуваше и Премиерот на државата имавме конструктивни, но и тешки преговори каде што аргументите кои ние ги изнесовме за коишто тврдиме дека имаат голема тежина  се спротивставија со аргументите на Министерството и на Владата, така да има напредок, но до конечниот договор, според нас како синдикат, има уште доста да се работи“, рече Неделков.

Тој додаде дека СОНК не отстапува од одлуката за генерален штрајк доколку не се постигне договор.