МакедонијаПравдаСиндикат

СОНК: МОН не ја почитува репрезентативноста на СОНК

СОНК: МОН не ја почитува - Работник
375views

Самостојниот синдикат за образвание, наука и култура – СОНК реагира во однос на дел од ставовите на Министерството за образование и наука во врска со начинот на зголемувањето на платите во високото образование за 10 проценти кое било договорено по пат на преговори помеѓу СОНК и МОН.

Од СОНК истакнуваат дека од содржината на текстот, може да се заклучи дека МОН не ја почитува репрезентативноста на СОНК, докажана според националната класификација на дејности и која е потврдена со Решение за репрезентативност издадено од Министерството за труд и социјална политка во јануари 2019 година.

„МОН не смее во името на автономијата на универзитетите да стои настрана од проблемот, односно да дава предлози за формирање на нов универзитетски синдикат којшто би бил репрезентативен или ќе се приклучи кон СОНК и НАкС и ќе го исполни условот за реперезентативност, затоа што СОНК има докажана репрезентативност, а тоа МОН го знае. Впрочем, зошто СОНК би преговарал со МОН доколку е спротивно од ова што го кажуваме“, пишуваат од СОНК во реакцијата.

Од СОНК наведуваат дека во соопштението, МОН тврди дека исплатата на повисоки плати во високото образование мора да биде според сите законски прописи, со што СОНК апсолутно се согласува. За таа цел прашуваат дали исплатата на плати во високото образование се врши во согласност со Закон или Колективен договор или со акти и правилници коишто датираат уште од минатиот век.

СОНК прашува и дали последното зголемување на платите во високото образование за 5 проценти со септемвриската плата во 2019 година беше регулирано со колективен договор на ниво на работодавач или пак со посебен закон, па прашуваат ако се со посебен закон, зошто и овојпат не се постапи така.

Тие порачуваат дека СОНК како единствен репрезентативен синдикат во образованието и науката, го повикува Министерството за образование и наука, веднаш да отпочнат преговорите за утврдување на конечниот текст на Гранскиот колективен договор за високо образование и наука и конечно да се стави крај на голем дел од отворените прашања коишто ги мачат вработените во овие дејности.