МакедонијаСиндикат

СОНК најави последен предупредувачки протест

СОНК најави последен предупредувачки протест - Работник
2.35Kviews

Сеуште лошиот социјален и економски статус и невклучувањето во социјалниот дијалог во дејностите кои ги опфаќа, беа повод за состанување на највисокиот орган на Самостојниот синдикат за образование наука и култура – СОНК, изјавија од Синдикатот, ексклузивно за порталот Работник.

Според СОНК, на седницата од Советот се развила дискусија за актуелните прашања во врска со дејностите, детска заштита, основно, средно и високо образование, наука и култура. Како резултат на нерешените проблеми од социјален карактер, ниските плати, немањето на соодветни колективни договори и друго, Советот на СОНК, едногласно одлучи на 8 јуни, СОНК да организира масовен социјален протест пред Владата на РС Македонија. Од СОНК наведоа дека со овој протест уште еднаш ќе ги постават своите барања, за кои веќе подолг период ги информира министерствата, Владата и јавноста преку најразлични синдикални активности.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, рече дека ова е последно предупредување до надлежните органи.

„Нашите членови бараат поголеми плати, промена на колективните договори и решавање на социјалниот статус. Се надевам дека со масовниот социјален протест пред Владата ќе успееме да допреме до нашите социјални партнери и ќе седнеме на заедничка маса за да најдеме заеднички прифатливи решенија“, рече Неделков.

На новинарското прашање, дали сами ќе протестираат или според досегашното искуство во рамките на Конфедерација на слободни синдикати – КСС, Неделков истакна дека Советот на СОНК донесе одлука и дека во наредните неколку дена очекува и другите грански синдикати во КСС, да донесат таква одлука, со што практично протестот би бил во организација на КСС. Според Неделков, доколку не им се излезе во пресрет на нивните барања, има можност СОНК во рамките на КСС, да влезе во генерален штрајк.

На протестот се очекува да излезат илјадници вработени во дејностите што ги опфаќа СОНК, кои што по четврти пат, оваа година ќе го искажат јавно своето незадоволство.

Седницата на Советот на СОНК се одржа од 17 до 18 мај, во Струга.