МакедонијаСиндикат

СОНК: Синдикалните непријатели на СОНК се исплашени од искрената заложба за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието

СОНК: Синдикалните непријатели на СОНК - Работник
1.13Kviews

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК испрати отворено писмо до Претседателите на регионалните одбори и сите членови на СОНК од дејноста образование, во врска со две прашања коишто се актуелни во последниот период.

Првото прашање коешто го поставува СОНК во писмото се однесува на потпишаната Спогодба помеѓу СОНК и МОН, претставувани од претседателот на СОНК и министерот за образование и наука, а во врска со најавената Одлука на Владата за зголемување на платите во дејноста образование, за 5%, започнувајќи од октомври за септемвриската плата.

Според СОНК во јавноста синдикалните непријатели на СОНК, исплашени од искрената заложба на СОНК за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието и фрлајќи ги истите во длабока сенка, како поединци, група или организација, во континуитет веќе повеќе години шират невистини, лаги и клевети, на сметка на нашиот синдикат, раководството на СОНК, а особено врз претседателот на СОНК.

„Оваа мала група на вработени во образованието  се остаток од незадоволните членови на СОНК, кои што во 2015 година, кога СОНК беше во генерален штрајк за укинување на казните на наставниците, по резултатите од екстерното тестирање, не беа задоволни од прекинот на штрајкот или поточно речено, со прекинот на штрајкот не успеаја да си ја задоволат својата политичка агенда и да штрајкуваат…..до бесконечност. Истите тие, здружени во пленум и синдикат, не можат да го прифатат фактот што СОНК е единствениот и најсилниот вистински синдикат во државата, којшто без разлика која политичка опција е на власт, спроведува иста синдикална политика, што се темели врз почитување на социјалниот дијалог и партнерство, коректност и конструктивност“, пишува СОНК во писмото.

Во писмото истакнуваат и дека СОНК ќе продолжи со својата искрена заложба за подобрување на социјалниот статус на своите вработени, подигнување на правата од работен однос и колективни договори, заштита и сигурност на своите членови и други права што произлегуваат од Статутот на СОНК, без разлика на жестокоста на шпекулациите и лагите од споменатите поединци, групи или организација, коишто во недостаток на сопствени активности и резултатите, ништо друго не прават освен што го критикуваат работењето на СОНК и со тоа се хранат.

Според СОНК, потпишаната Спогодба за зголемување на платите во дејноста образование, за 5%, не значи дека членовите на СОНК и воопшто вработените во дејноста образование, се измамени од страна на претседателот на СОНК, затоа што буквално во сите изјави беше кажано дека ја поздравуваме заложбата на Владата за зголемување на платите во образованието, но воедно и отворено, јавно го изразуваме нашето незадоволство, за висината на зголемувањето на платите, којашто е симболична и недоволна. Заради тоа, СОНК ги презеде и активностите со коишто успеа да отвори конструктивни преговори со Владата и со МОН, на кои што се очекува во наредните денови да се излезе со конкретни резултати од преговорите, а тоа е всушност за колку проценти и од кој период ќе се зголемат платите во образованието за 2020 година.

Второто прашање се однесува на зголемувањето на платите за 5% на сите работни места, за сите вработени, вклучително и на помошно-техничкиот персонал. Имено, деновиве од СОНК добивале големи реакции и жалби од оваа категорија на нивни колеги, коишто го изразуваат нивното незадоволство, од причина што во пресметките за септемвриската плата, нивната плата нема да се зголеми за 5%.

„Со жалење мораме да го потврдиме тој факт дека е точен, меѓутоа имаме потреба и одговорност да дообјасниме од кои причини е дојдено до ваква ситуација, а впрочем иста како и ситуацијата пред точно една година. Би сакале уште еднаш да се обидеме да објасниме како се пресметува платата за извршена работа, со полно работно време, во период од еден месец. Врз основа на член 35 од Колективниот договор за основно и средно образование утврдени се коефициенти на сложеност на работни места, коишто треба да се множат со најниската плата на дејноста, што се утврдува и потпишува помеѓу МОН и СОНК“, пишуваат од СОНК во отвореното писмо до членовите на синдикатот.