МакедонијаПравдаСиндикат

СОНК со свои забелешки за предложениот Закон за Основно образование

СОНК со свои забелешки - Работник
1.96Kviews

Во текот на вчерашниот ден на седница на Владата беше усвоен предлогот на Министерството за образование и наука за новиот Закон за основно образование, во којшто има неколку важни измени, според Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, коишто се чини дека треба да започне со имплементација од 1 септември, доколку биде усвоен во собраниската процедура, рече Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ексклузивно за Порталот Работник.

Тој истакна дека една од новините кои ќе се применуваат во овој закон е инклузивното образование за ученици со попреченост и посебни образовни потреби. Во овој дел, иако досега во основното образование има деца со попреченост, паралено на тоа имаше и посебни или специјални училишта за децата со попреченост, меѓутоа сега овие деца ќе бидат во паралелки во редовната настава и за нив ќе бидат обезбедени лични и образовни асистенти.

Неделков наведе дека е потребна обука на наставниците коишто спроведуваат редовна настава и во овој дел тие дале нивни забелешки, во правец на тоа дека треба да се посвети сериозен пристап, да се изврши пробна анализа и ова да биде експериментална фаза од една или повеќе години, за да се добие јасна претстава како би функционирало сето тоа. Со тоа би се добила појасна слика околу начинот и инклузијата на учениците со попреченост и посебни образовни потреби, начинот на функционирање на училишниот инклузивен тим, да се види како би функционирале ресурсните центри за ваквите ученици, образовните асистенти и т.н.

„Ова е многу важна работа која ќе се спроведува во основното образование и поради тоа потребна е огромна внимателност, бидејќи ова е нешто ново и според нас треба најпрво да биде пробна или експериментална фаза од една или повеќе години“, рече Неделков.

Наведе дека синдикатот смета дека е потребно и да се обезбеди и соодветна инфраструктура за да може непречено и квалитетно да се реазлизира наставната програма, како и опремување на училниците со посебна опрема која е неопходна за реализација на програмата на оваа категорија на ученици. Потребна е и подолготрајна  квалитетна едукација на наставниците коишто ќе работат со учениците со посебни образовни потреби и смета дека едукацијата од неколку часа или неколку денови е сосема недоволна. Неделков вели дека од синдикален аспект треба да се постави прашањето, со обврската  посебните училишта да се трансформираат во ресурсни центри, дали би можело да постои опасност за прогласување на технолошки вишок на дел од вработените, особено на помошно –техничкиот персонал и администрацијата.

Според него, други одредби во законот коишто се позитвни се воведувањето на зимскиот распуст за наставниците во месец јануари, во траење од една недела. Позитивно е и тоа што со законот се регулираат и работните денови за училиштата, а тоа значи дека во сабота и недела не смее да се одржува настава. Учебната година може да трае и после десети јуни доколку има потреба, заради одредбите од законот за реализација на 180 наставни денови, меѓутоа се исклучуваат саботите и не смеат да се одработуваат.

„Позитивно е и тоа што со законот се предвидува намалување на учениците во паралеките. Со новото законско решние се предвидува дека може да има од 20 до 30 ученици во една паралелка, на сметка на сегашното решние кое предвидува од 24 до 34 ученици во една паралелка. Овде имаме намалување на бројот на ученици што сигурно ќе се манифестира со подобар квалитет на образовниот процес“, вели Неделков.

Тој истакна дека имаат и соодветни забелешки во однос на дефинирањето на бројот на ученици со посебни потреби во една паралелка, односно нивниот број да биде регулиран со законот. Истакна дека имаат забелешки и за вон наставните часови, дополнителните, додатните и слободни ученички активности коишто со законот се предвидени дека треба да бидат пет часа неделно. Сметаат дека тоа се премногу, од аспект на тоа што е невозможно сите наставници да одржат толку часови, заради тоа што се оптеретени со големиот број на часови. Тој гледа проблем и во оптовареноста на учениците со бројот на часови како и просторниот капацитет на голем дел на училишта. Најчест случај е дека наставници коишто треба да ги реализираат овие часови, работат со релативно исти учебници, како за редовна, така и за дополнителна настава и т.н.

Неделков изјави дека проблем ќе биде и составувањето на распоредот, бидејќи наставниците нема да можат да го реализираат, а смета и дека со ваквото законско решние би се отворила можност за казнување на наставниците, доколку не ги реализираат овие активности. За таа цел од СОНК предлагаат дополнителните часови да се реализираат по потреба, односно по процена на наставникот за тоа колку додатни часови ќе треба да се реализираат.

Наведе дека имаат забелешка и за траењето на учебната година. Согласно законот таа трае 180 наставни денови и со член се укажува дека наставата не смее да се прекине, освен ако има непогоди, поради коишто министерот ќе даде согласност да се прекине наставата. Во предвид не е земено наставата да се прекине за време на штрајк, со што практично нема одредба дека и заради штрајк може да се прекине учебната година, што за СОНК претставува попречување на остварувањето на правото на штрајк во основното образование, а тоа е спротивно и на законот и на меѓународните конвенции.

Неделков смета дека од законот за наставници и стручни соработници не смее да се иземе одредбата за психолошки тест за кандидатите за вработување во училиштата, бидејќи тие работат со една од најранливите категории во општеството. Негово мислење е дека треба се прават психолошки тестови на наставниците и да се воведат тестирања за супстанци кои би можеле да влијаат врз функционалноста на наставниците.

На крајот Неделков констатира дека без мотивација на сите чинители на воспитно – образовниот процес  и подигнување на социјалниот статус (платите), ниту овој ниту било кој друг закон нема да ги даде очекуваните резултати за подигнување на квалитетот на образованието.