МакедонијаПравдаСиндикат

СОНК: Стоиме зад сите прогресивни реформи во образованието

СОНК: Стоиме зад сите прогресивни реформи во образованието - Работник
795views

„Јасна визија на квалитетното образование“ беше темата на вчерашната расправа на коај учествуваше Премиерот Зоран Заев, заменик на претседателот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заедно со претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс и Претседателот на Самостојниот синдикат за образование наука и култура, Јакми Неделков.

Според 24инфо.мк, Премиерот Зоран Заев зборувал за важноста на реформите во образованието, потенцирајќи дека Владата е посветена на спроведување на реформите во образованието кои се најмногу важни за квалитетен живот на младите и за економски раст и развој.

Вицепремиерот Анѓушев рекол дека образованието е еден од клучните делови на економското живеење и дека токму создавање на квалитетно и соодветно образование, согласно барањата на пазарот на трудот, е клучно за понатамошен забрзан и одржлив развој на земјата.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми зборуваше за анализата: „ Преглед на ОЦЕД за евалуација и оценување на образованието во РС Македонија“ која била презентиран на дебатата. Тој рекол дека анализата доаѓа во многу важен момент кога се разгледува воведувањето на ново национално оценување, чија главна цел ќе биде да им помага на училиштата да развиваат поквалитетна настава и ќе служи за понатамошно креирање на политики кои, како што рече, отсега ќе бидат базирани само на внимателно прибирани и анализирани докази.

Драган Тевдовски истакнал дека дополнително преку Буџетот се финансира и научно-истражувачката дејност во насока на проширување и континуирано унапредување, координација на субјектите за вршење на научно-истражувачката дејност, унапредување на домашната и на меѓународната соработка во трансферот на знаења, истражувања и обука и зголемување на продуктивноста на трудот и на националната конкурентска способност во глобалниот простор.

Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс рекол дека анализата направена со Министерството за образование и ОЕЦД укажува на голем број причини, вклучително и години на реформи кои не се изградиле врз основа на докази и не се фокусирале на реалните и индивидуалните потреби на учениците, што довело до демотивација на работна сила во просветителството.

На јавната расправа се дебатирало и за средното стручно образование, за коешто се заклучило дека треба да се спроведат реформи со кои тоа ќе се направи поквалитетно и ќе се привлечат повеќе ученици, бидејќи во државата недостасуваат квалитетни стручни кадри.

На крајот од дебатата, претставниците од невладините организации, СОНК, меѓународните организации и други чинители во образованието се вклучиле во расправата со конкретни предлози со цел да придонесат во успешното спроведување на реформите.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков рече дека ги поддржува реформите во образованието коишто би оделе во правец на подобрување на квалитетот на образованието на сите нивоа, а со тоа конечно би имале ученици коишто ќе излезат од училишните клупи и ќе бидат квалитетни и конкуренти на пазарот на трудот. Но, како носители на основната дејност во образованието, односно како наставници во овој момент се деградирани по повеќе основи, меѓу кои и со наградата за што ја работат оваа работа, односно со малата плата.

„Во моментот наставниците се далеку под просекот на националната плата во државата. Тие јавно го искажуваат незадоволството од нивната плата и од нивниот статус во државата и поради тоа ние како синдикат, многу пати баравме; еве и во оваа прилика бараме зголемување на платите на наставниците во РС Македонија. Инаку и беспрекорно добрите закони не можат да се имплементираат и да се очекуваат добри резултати, доколку наставниците максимално не се заложат за тоа.“, рече Неделков

Тој го изнесе уште еднаш јасниот став на синдикатот, за тоа дека СОНК ќе застане зад сите прогресивни реформи во дејноста образование, меѓутоа за таа цел ќе мора да бидат соодветно наградени, односно платата да им се зголеми многу повеќе од најавените пет проценти од страна на Владата.