ЕкономијаМакедонија

Сојузот на стопански комори и Занаетчиска комора здружено ќе настапуваат за подобри услови

Сојузот на стопански комори - Работник
59views

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска и претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији потпишаа Договор за соработка чија цел е вложување заеднички напори за реализација на политиките неопходни за унапредување на Занаетчиската дејност и креирање на поволно деловно опкружување за целото стопанство.

„Сојузот се залага за обезбедување услови за работа и егзистенција за сите деловни гранки во приватниот сектор, а меѓу нив и за оваа значајна група на претприемачи. Под притисок на брзиот развој на индустријата, технолошките промени, економската трансформација, дигитализацијата, се понеповолни се условите за работа за занаетчиската дејност. Со потпишување на овој договор, ја официјализираме соработката со Занаетчиската комора и заеднички ќе делуваме за застапување на нашите интереси”, изјави Арсовска.

Таа истакна и дека во насока на развојот и зајакнувањето на секторот на мали и средни претпријатија, кој е доминантен во нашето стопанство чиј составен дел е и  занаетчиството, потребно е да постојат поефикасни владини политики за поддршка.

Претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији, истакна дека потпишувањето на овој договор за соработка со Сојузот на стопански комори е значаен чекор.

„Во последните години, занаетчискиот сектор во нашата држава  расте и добива на важност.  Занаетчиството е важен дел од нашата економија и е движечка сила на пазарната економија на секоја држава. Во секој голем бизнис постојат делови каде што се присутни занаетчиството и занаетчиите. Поради тоа сметаме дека овој Договор за соработка помеѓу Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија е од огромно значење. Сигурни сме дека со заеднички напори и сили ќе оствариме многу успешни заеднички проекти кои ќе бидат од корист на занаетчиите и на целата деловна заедница”, изјави  Фазлији.