МакедонијаСиндикат

Спасовски: На пензионерите со ниски пензии да им се овозможи работа на полно работно време

Спасовски: На пензионерите со ниски пензии - Работник
542views

Во Србија веќе почна трендот на вработување на пензионери, онаму каде што недостасуваат стручни кадри.

Претседателот на Пензионерскиот синдикат при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, Марјан Спасовски за Порталот Работник вели дека треба и во Македонија на пензионерите да им се овозможи да се вработат, особено онаму каде што недостасуваат стручни кадри, ангажирани на полно работно време, откако ќе помине периодот од две години дополнително останување на работа.

„Пензионерите во државите во Европска Унија, па и во регионот имаат право да работат. Тоа треба да започне да се применува и во Македонија, особено во оние професии каде што недостасуваат стручни кадри. Се разбира, оние пензионери кои би работеле би требало да се работоспособни, а такви ги има во голем број“, вели Спасовски.

Според него предност треба да им се даде на оние пензионери со ниски пензии кои се финансиски ранливи, како и на оние пензионери кои сакаат да им помогнат на своите потомци.

„Предност треба да им се даде на оние пензионери со ниски пензии, за да можат финансиски да опстојат, како и на оние кои сакаат да им помогнат на своите потомци.“

Тој додаде дека на овој начин би се намалила, а можеби и би се свела на минимално ниво работата на црно од страна на пензионерите коишто имаат потреба од додатни финансиски средства.