ЕкономијаМакедонијаСиндикат

Спасовски: Пензиите да растат и согласно просечната плата

   Време за читање 2 минути

Бобан Илијевски

Пензиите да растат согласно растот на просечната плата и порастот на индексот од инфлацијата, бидејќи секој пензионер заслужува квалитетен и достоинствен живот, вели Претседателот на Пензионерскиот синдикат на Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Марјан Спасовски.

Според Спасовски, со сегашниот Закон за ПИО, поточно членот 37 од законот кој одредува пензиите да се зголемуваат согласно растот на Бруто домашниот производ и стапката на инфлација, пензиите тешко дека ќе забележат голем раст, поради тоа што предвидувањата на меѓународните финансиски институции се дека БДП-то на Македонија нема да забележи значаен раст во следните неколку години.

Тој вели за да се избегнат ад – хок покачувањата од било која Влада во иднина и да не се сметаат за предизборен маркетинг, ПСМ предлага во членот 37 од Законот за ПИО  усогласувањата на пензиите да се вршат и со порастот на просечната плата од претходното полугодие.

„Треба да се редефинира овој член и наместо пензиите да растат согласно БДП –то и стапката на инфлација, тие да се зголемуваат согласно растот на просечната плата. Има голем број на пензионери кои живеат на работ од сиромаштијата“, вели Спасовски.

Тој истакна дека треба да се унапреди и здравственото осигурување, притоа на пензионерите со ниски пензии на коишто им се потребни лекови, да им се овозможи да ги купат со партиципација.

„Реално гледано, има лекови во нашите аптеки коишто се многу скапи, а на пензионерите им се потребни, бидејќи постарите луѓе се најмногу зависни од лековите. Државата треба да им овозможи да ги купуваат со партиципација, како и да им овозможи поголем пристап до потребните лекови“, рече Спасовски.