Наука

Спиењето повеќе од 9 часа преку ноќ и дремењето повеќе од 90 минути носат опасна болест

Спиењето повеќе од 9 часа - Работник
121views

Спиењето подолго од девет часа во текот на ноќта и дремењето повеќе од 90 минути во текот на денот можат да го зголемат ризикот од мозочен удар, покажуваат последните истражувања.

Истражувањето е спроведено во Кина во текот на кое се испитани 31,750 луѓе со просечна старост до 62 години, а резултатите се објавени во списанието „Neurology“.

Студијата покажала дека можноста за добивање на мозочен удар кај луѓето кои спијат повеќе од девет часа е за 23 проценти поголема во однос на оние кои спијат од седум до осум часови. Постои и ризик од мозочен удар кај луѓето кои во текот на денот редовно дремат подолго од 90 минути кој за 25 проценти е поголем во однос на оние кои спијат најмногу еден час или не спијат воопшто.

Истражувањето покажува и дека оние кои спијат подолго од девет часа во текот на ноќта и повеќе од 90 минути во текот на денот, имаат 85 проценти поголем ризик да добијат мозочен удар.

Во текот на студијата, здравствената состојба на испитаниците била следена шест години, а во тој период 1,667 од нив добиле мозочен удар.

Џиаимин Жанг од универзитетот „Хуазонг“, наведува дека овие резултати укажуваат дека е потребно да се направат додатни истражувања за поврзноста на долгото спиење и ризикот од мозочен удар. Додава дека претходните истражувања покажале дека оние кои спијат долго преку ноќта или денот имаат несакани промени во нивото на холестеролот.

„Освен тоа, долгото спиење во текот на ноќта и дремењето во текот на денот можат да укажат на неактивниот начин на живот што исто може да биде поврзано со зголемениот ризик од мозочен удар“, вели Џиаимин.