- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Србија увезува работна сила од Бангладеш – Дали и Македонија ќе и се придружи?

Србија увезува работна сила - Работник
573views

Бобан Илијевски

Увозот на работна сила во Македонија не е ново барање од страна на бизнис секторот, особено во туристичко – угостителскиот сектор и градежништвото. Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 го актуелизираше ова барање, најмногу поради тоа што голем дел од вработените, особено од туристичко – угостителскиот сектор ја сменија својата професија, заради големата штета која ја нанесе Ковид пандемијата.

Во неколку наврати по медиумите се пишуваше дека на македонските градилишта работат работници од Албанија и Косово, без никакви документи, односно „на црно“. Тоа е така бидејќи и градежниот сектор кубури со работна сила. Голем дел од мајсторите коишто беа квалификувани заминаа во Западна Европа за да работат за повеќе пари, со што на македонските градежници во најголем дел им останаа неквалификувани работници. Поради немањето на избор, тие се принудени да ги земат нив, за да може да им течат градежните активности.

Независната угостителска комора порача дека доколку продолжи одливот на работна сила од Македонија, ќе бидат принудени да увезуваат работници. Од Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, истакнаа дека тие веќе побарале од државата да се овозможи да увезуваат работници, но пречка се законите, коишто тие бараат да се сменат. За да се овозможи увоз на работници потребна е да се направи, пред се, измена во Законот за работни односи коишто е во фаза на консултации помеѓу социјалните партнери.

Сепак, како што тргнало со одливот на работници, особено од овие два сектори, прашање е на време кога бизнис секторот ќе го отвори на широко прашањето за увоз на работна сила. Бизнис секторот од хотелиерската дејност во Србија веќе започна да увезува работна сила од Бангладеш, поради немањето на доволен број на работници во овој сектор. И српските работници, како нашите се повеќе и повеќе заминуваат на работа во странство или пак менуваат професии.

Можеби и бизнис секторот во Македонија, по примерот на тој во Србија, ќе бара увоз на работна сила, од Бангладеш или некои други африкански држави. Како и да е, миграцијата на македонските работници ќе продолжи се додека не се крене стандардот во Македонија, а со оглед на големата инфлација, за да може да има еден човек достоинствен живот ќе треба да земе за најмалку 30 % поголема плата од сегашната, што е тешко возможно имајќи го во предвид бавниот раст на платите.