МакедонијаПравдаСиндикат

ССКЦ го осудува вербалниот и физичкиот напад врз дежурна докторка и присутниот медицински персонал

ССКЦ го осудува вербалниот и физичкиот напад - Работник
1.46Kviews

Самостојниот Синдикат на Клинички центар – ССКЦ  го осудува вербалниот и физички напад врз дежурната докторка и присутниот медицински персонал на Универзитетската клиника за Неврологија.

Тие на докторката и посакуваат целосно и успешно опоравување и брзо враќање на својата хумана работа. Истото го посакуваме и на другиот здравствен персонал присутен на овој немил настан. Притоа, велат дека знаат дека ова ќе им остане како еден непријатен, понижувачки и длабоко навредлив настан кој ќе остави долготрајни траги во нивната меморија и психичка состојба.

Од синдикатотот констатираат дека за жал и покрај сите напори и преземени постапки во изминатиот период ваквите инциденти да се спречат или станат изолирани појави, истите и понатаму продолжуваат и се со ненамален интензитет.

Потсетуваат дека Синдикатот на Клинички центар на 12.11.2015 година на хелиодромот во Клинички центар организираше протест за јавна солидарност и подршка на докторот од УК за Дигестивна хирургија за вооружениот напад врз него.

Наведоа дека истовремено, поради истата причина, Лекарската комора на Македонија организира потпишување Повелба помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија, Лекарската Комора на Македонија и Македонското Лекарско Друштво.

„Поради продолжени вербални и физички напади врз здравствените работници на
28 септември 2017 година во Лекарската комора на Македонија се потпиша Декларација – стоп за насилството врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници“, истакнуваат од синдикатот на клинички центар.

Објаснуваат дека ваква Декларација за стоп на насилството во здравството во средината на септември 2017 година потпишаа и коморите членки на ЗЕВА, асоцијација во која се обединети 17 комори од земјите на Централна и Источна Европа.

Тврдат дека поради вакви инциденти во Законот за здравствената заштита во членот 304-г нападот на здравствениот работник и соработник се дефинира како напад на службено лице кое е казниво дело.

„Очигледно, праксата покажува дека сите овие мерки се недоволни за спречување на вакви вербални и физички напади на здравствените работници и останатите вработени во здравството“, сметаат од синдикатот.

Според Синдикатот на Клинички центар, она што недостасува е превентивата, која е минимална, а во голем број ЈЗУ и во целост недостасува.

Што да се преземе за спречување на насилството во здравството?   

Во оваа прилика како главни принципи ги истакнуваат начелото и заложбите истакнати во Декларацијата за стоп на насилството во здравството на Лекарската комора, а кои гласат “Плановите за спречување насилство врз докторите на медицина и стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници мора да се изработуваат како на национално ниво, така на ниво на здравствени установи, додека инцидентите на насилство мора да бидат документирани преку систем кој ќе биде обезбеден од страна на Владата и здравствените установи. Заложбата е за  активности и делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува“.

Синдикатот на Клинички центар за цело време во изминатиот период укажува на потребата од воспоставување систем на професионална и ефикасна заштита на вработените во здравството.

Што подразбира таков систем:  

  1. Унапредување на здравствената и општа култура.
  2. Почитување на етичкиот и морален кодекс од страна на здравствениот и друг персонал.
  3. 24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија со контролиран и ограничен пропуст на цивили и членови на фамилија, слично како во приватните болници.
  4. 24 часовен централен видео надзор на влезовите, излезите и поедини простории во објектите на ЈЗУ со почитување на законските и други прописи и норми за заштита на личните и други права на пациентите и вработените.
  5. Останати методи и мерки кои ќе превенираат насилство.

Велат дека Синдикатот на Клинички центар е подготвен заедно со Лекарската комора и другите комори и здруженија во здравството, Македонското здружение за заштита при работа и други релевантни чинители, преку стручни состаноци, јавни дебати и други постапки да учествува во изнаоѓање најсоодветно решение за сузбивање на вербалното и физичко насилство во здравството, кое со законска регулатива ќе го обврзе работодавачот да обезбеди систем на професионална и ефикасна заштита од физичко и вербално насилство на вработените во здравството.

Додаваат дека насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството не смее да се толерира, тоа е цивилизациски неуспех.