МакедонијаСиндикат

ССМ повикува на синдикален марш на 1 мај

320views

Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, донел одлука со која и оваа година ја продолжува традицијата и ги повикува работниците на Синдикален марш кој ќе се одржи на 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот со почеток во 11 часот од пред зградата на ССМ, а истиот ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат доставени нивните синдикални барања за унапредување на работничките права, истакнаа од ССМ на нивната веб страна.

Сојузот на синдикатите на Македонија, како репрезентативен синдикат, до Министерството за труд и социјална политика, во февруари 2019 година достави предлог текст за нов Закон за работните односи во кој предлага исклучиво унапредување на работничките права, а исто така е вклучен и во преговорите за нов Општ колективен договор за праватниот сектор од областа на стопанството, а ќе започнат и преговорите за Општ колективен договор за јавниот сектор, најавуваат од ССМ.

Според нив во година во која се дискутира за работничките права и достоинството на трудот кои ќе бидат утврдени во ЗРО и во Општите колективни договори, исклучително е важно сите работници да дадат свој придонес и да имаат своја улога во тој процес, а преку нивното учество на Синдикалниот марш ќе се упати порака до Владата и надлежните Министерства дека не смеат да одлучуваат за нивните права без нив и без да ги прифатат нивните барања кои се исклучиво во насока на подобрување и приближување на истите на Европско ниво.

ССМ уште еднаш  ги потенцираше барањата, кои ги доставиле до Владата и надлежните министерства, а тоа се: договорите за вработување по правило да бидат на неопределено време, а на определено време во исклучителни случаи  да се склучуват најмногу до 1 година, зголемување на испратнините за отказ од деловни причини на 12 плати, бришење на контролниот период за прекувремената работа, работа ноќе и работа во ден на неделен одмор, саботата и недалата да бидат денови на неделен одмор, 12 месеци породилно одсуство за едно дете, а за 2 или повеќе 18 месеци породилно одсуство, зголемување на минималната плата на 13.600 денари со што задолжително да следи пропорционално зголемување на платите во државата и намалување на сиромаштијата, стабилен пензиски систем без зголемување на старосната граница за пензионирање и воведување на стажот како услов за остварување на правото на пензија, здрави и безбедни услови за работа и др.

Од ССМ ги повикуваат сите граѓани, на 1 мај да илезат на Синдикалниот марш, за да заедно ги искажат барањата до Владата на Македонија.