МакедонијаСиндикат

ССНМ: Неолибералните политики се главниот непријател на работничките права

ССНМ: Неолибералните политики се главниот непријател на работничките права - Работник
246views

Работодавачите не се главниот непријател на вработените, туку неолибералните политики што ги регулираат работничките права, вели претседателот на ССНМ, Ѕвездан Георгиевски.

Со собири, синдикални протести и прогласи денеска во Скопје ќе биде одбележан меѓународниот ден на трудот. Работници, професори, дипломати, новинари, ќе излезат на улица за да предупредат на ниското ниво на работничките права. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Први Мај го одбележи со протестно собирање во 11.30 часот на плоштадот „Карпошово востание“. ССНМ ја прифати поканата да им се придружи на три други синдикати во одбележувањето на овој ден: НАКС – Независниот академски синдикат што ги обединува вработените во високообразовните и научните институции, Синдикатот на Македонската дипломатска служба, и СКРМ – Синдикат на културата. Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Ѕвездан Георгиевски, вели дека одбележувањето ќе биде традиционално, со транспаренти кои предупредуваат за ниското ниво на работнички права, и се надева дека барем на овој ден ќе се сврти вниманието на севкупната јавност врз сериозните проблеми што се генерираат од хроничното и непрекинато намалување на работничките права.

„Први Мај е важен ден во светското работничко движење. Мене лично ме фрапира дека барањата се речиси идентични со оние од пред еден век – достоинствен живот за сите луѓе, регулирање на работниот однос, работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност. Тоа на извесен начин ми кажува дека протестните маршеви, паради и прошетки на некој начин се надмината работа во борбата за работничките права. Денес работодавачите не се главниот непријател на вработените, туку неолибералните политики што го регулираат ова прашање. Не само кај нас, туку на глобално ниво, синдикатите се речиси тргнати од политичката сцена и маргинализирани како значаен фактор во одлучувањето и креирањето на тие политики. Мислам дека е нужно да се редизајнира начинот на протести, да се наметне како наратив во јавноста и и на тој начин синдикалната борба да ја добие онаа потенција која нужно мора да ја има“, вели Георгиевски.

Извор: ДојчеВеле