МакедонијаСветот на работникотСиндикат

ССНМ: Новинарите имаат ниски плати и се повеќе од нив се без социјална сигурност

204views

Во рамки на проектот на Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници – ССНМ од 2018 година “Синдикат до синдикат“, од Меѓународната федерација на новинарите, направена е анкета на 87 новинари во дигитални медиуми при што како фокус група се анкетирани млади новинари со просечна возраст од 35 години, вработени и хонорарци. Од нив, 56,3 проценти жени, 43,7 проценти мажи. Нивното просечно работно искуство изнесува 12 години, и во просек работеле во четири медиуми.

Во последните неколку години во Македонија дигиталните медиуми – порталите, заземаат се позначајна улога во делот на информирањето на граѓаните. Според последните податоци на Агенцијата за медиуми од 2018 година, од декември минатата година, околу 41 процент од граѓаните најмногу се информираат преку користењето на интернет порталите. Особено ова се однесува на помладата генерација, до 30 годишна возраст. Од нив, според Агенцијата, околу 80 проценти секојдневно ги користат информациите пласирани од над 100-на македонски портали. Според тоа, после телевизиите, порталите го заземаат второто место во сферата на информирањето, а далеку зад нив се печатените медиуми, истакнаа од ССНМ

Според ССНМ, без оглед на порастот на влијанието на порталите и он-лајн медиумите во Македонија, следејќи го глобалниот тренд, статусот на новинарите кои работат во порталите е речиси непроменет како во времето кога тие важеа за човек-медиум.

„Генерално, резултатите од анкетата покажаа дека нивниот статус не се разликува во голема мера со другите новинари кои се ангажирани во други медиуми, електронски и пишани. Ова особено кога станува збор за степенот на образование, на висината на платите, траењето на работното време, користењето на годишниот одмор, дежурствата, јазот меѓу платите со уредничкиот кадар, исплатата на социјалните придонеси, неплатените дежурства за време на викенди и празници, боледувања и слично“, истакнаа од ССНМ.

Анкетата покажала и дека новинарите кои работат во порталите иако се доволно образовани, малку или недоволно се информирани за сопствениот статус и за правата кои им се дадени во Законот за работни односи.

„Па, може да се каже дека, токму најголемиот дел од оние кои имаат улога да пласираат разни информации во јавноста од типот на кршење и непочитување на законските обрски на работодавците кон вработените, не се или недоволно се запознаени со своите права во работните средини, гарантирани со ЗРО. Или пак, ги знаат, но ретко или воопшто не реагираат во однос на нивното непочитување и кршење од страна на претпоставените во редакциите“, наведоа од ССНМ.

Според нив, тоа го покажуваат и податоците од анкетата, според кои 25,3 отсто од новинарите се изјасниле дека не се осигурани, 4,6 отсто рекле дека не знаат дали се осигурани, односно дали им се плаќаат пензиските и социјалните придонеси.

Од таму за Порталот Работник рекоа дека ССНМ постојано презема активности од својот делокруг за заштита на работничките права на своите членови, совети за работните права и како да ги остварат, организира средби во медиуми како со сопствениците така и со новинарите и другите медиумски работници, дебати за состојбата во новинарската професија, дава правна помош во случај на работни спорови (за членови), реагира на кршење на професионалните права и на слободата на говор и изразување и други тековни активности.

Од ССНМ додадоа дека што се однесува до статусот на новинарите, условите за работа се многу малку променети, социјалната состојба е тешка, платите ниски и пред се во нагорна линија е таканаречениот прекаријат при што се повеќе новинари и медиумски работници се без социјална сигурност. Во последните две години атмосферата за работа е видливо послободна, бидејќи се намалени притисоците од политичките и други центри на моќ, што е нотирано и во извештаите на светските организации кои ја мерат слободата на говорот и на медиумите. Сепак, мора да се подвлече дека ова подобрување иако е осетно, не е доволно и сеуште има многу проблеми.

Бобан Илијевски