СТАГНИРАЊЕТО НА ПЕНЗИИТЕ ГИ ИЗНЕСЕ ПЕНЗИОНЕРИТЕ НА ПРОТЕСТ| ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПСМ, МАРЈАН СПАСОВСКИ
Пензионерите протестираат поради малите пензии и нискиот раст на истите. Долг период пред да започнат сите оние протести кои датираат од летото 2023 година, Пензионерскиот синдикат на Македонија во многу прилики потсетуваше каде лежи проблемот. За протестите на пензионерите и нивните барања; за незадовоството од Сојузот на пензионери, односот на Министерството за труд и социјална политика кон пензионерите во изминатиот период, како и на други прашања во денешното интервју разговараме со Претседателот на Пензионерскиот синдикат на Македонија, Марјан Спасовски.
Работник:Во изминатиот период бевме сведоци на бројни протести на пензионерите на кои бараа линеарно зголемување на пензиите за 5,000 денари и минимална пензија од 18,000 денари. Кој е ставот на синдикатот во однос на овие барања на пензионерите?
Спасовски: Најпрво би сакал на сите членови на ПСМ да им честитам ПОПЛНОПРАВНО членство на ПСМ во Европската Федерација на синдикати на пензионери и постари лица (ФЕРПА) во која членуваат 27 пензионерски синдикати од државите членки на ЕУ. Голема благодарност до синдикатите на Хрватска (СУХ), Италија (СПИ) Словенија (СУС) и други кои застана зад нашата кандидатура.
Што се однесува до протестите на пензионерите, секако дека тие беа оправдани и изреволтирани со енормното покачување на платите од 78% на поедини функционери. Но прво треба да се навратиме на почетокот на проблемот – зошто пензиите дојдоа на оваа ниво? Ако направиме споредба на пензиите во 2018 година пред промената на членот 37 од Законот за ПИОМ со кој се зеде само еден параметар: порастот на трошоците за живот (инфлацијата), тогаш имавме минимален номинален раст на пензиите за 2019 год. 0,70% +0,40% потоа 2020 едно усогласување од 722 ден и 0,60% во 2021 година – 1,20% + 1,20% и сл. Тука треба да се бара причината за заостанувањето на пензиите кон платите бидејќи во истиот период минималната и просечната плата имаа поголем раст.
Ова би сакал да го поткрепиме со бројки: во јули 2018 година, просечната плата беше 24,072,00 денари, а просечна пензија 14,445,00 ден. Соодносот е 59%. Со податоците од ДЗС од декември 2023 година просечната нето исплатена плата по работник била 39,998,00 денари а просечната пензија 20,195,00 денари или ли соодносот е 50,5%
Од сето горе наведено може да заклучиме дека оваа ги изнесе пензионерите на протести. Со враќањето на вториот параметар порастот на просечната плата 50% и инфлацијата 50% од септември 2022 година усогласувањето на пензиите стана по реално, но прво треба да се нивелираат минималната пензија и највисоката. Ставот на ПСМ останува ист. После нивелацијата во одреден временски рок (година дена) да се дојде до ниво да просечната пензија да биде 60% од просечната нето исплатена плата по работник во Македонија.
Во случајов да ја земеме просечната плата за 12/2023 год и да ја помножиме со 60% тогаш би добиле реална просечна пензија од 23,998,00 денари.
Работник: Пензионерите беа и сѐ уште се разочарани од Здружението на пензионери, поради тоа што тие не застанаа зад нив во нивните барања. Како гледате на ова?
Спасовски: Не би коментирал, но мислам дека тоа почна кога истото го поддржа законот за измена на членот 37 во декември 2018 година.
Работник: Како ја оценувате работата на Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период во однос на пензионерите? Колку нивните политики придонесоа за подобрување на стандардот на овие лица?
Спасовски: Односот на МТСП кон пензионерите во последно време почна да се менува, но да не заборавиме дека тоа министерство го измени членот 37 од Законот за ПИОМ, кога ја увидоа грешката го вратија законот како пред измената, но сметам дека во тој период пензиите повеќе стагнираа во однос на инфлацијата. Донесувањето на измената во март 2020 го одложи односно го поништи априлското усогласување со миниланата и просечната плата (како што беше онаа од 722 ден, во 2020 година), тука пензиите останаа покуси за 2,800,00 денари. Измената на Законот можеше да се направи од мај до август и така истиот стапи на сила од први септември.
Работник: Како синдикат веќе подолго време имате проблем со регистрирањето на истиот за да може да биде учесник во социјалниот дијалог. Има ли на повидок решение на овој проблем? До каде сте во тој процес?
Спасовски: Што се однесува до регистрација на Пензионерскиот синдикат на Македонија би го истакнал следното. Одредени институции не го почитуваат Уставот на Македонија и Европската ковенција за човекови права, која е изгласана во Македонскиот парламент и ги има сите својства на закон. Синдикатот доби голема подршка од ФЕРПА (за меѓународна соработка) со самото тоа што на 21.02.2024 не прими за полноправен член. Сакам да нагласам дека сите соседни земји имаат свои пензионерски синдикати, само во Македонија тоа право на пензионерите им се ускратува.
Работник: Пензионерскиот синдикат на Македонија стана дел од Европската федерација на пензионери и постари лица – ФЕРПА. Какви се бенефитите за синдикатот од членувањето во оваа организација?
Спасовски: За досегашната соработка со ФЕРПА за нас од ПСМ беше и е многу корисна. Може да го нагласиме нашето активно учество во изготвувањето и донесувањето на Манифестот на ФЕРПА (тогаш во својство на член набљудувач), воедно размена на искуства за решенија на проблеми на пензионерите во земјите членки на ЕУ. За жал, мора да констатирам дека нерегистрирањето на ПСМ ни го одзеде правото да учествуваме во одредени проекти како останатите пензионерски синдикати од соседните земји и ЕУ.