МакедонијаПравда

Станојевиќ: Да се водат постапки против незаконитите одлуки и решенија на работодавачите

Станојевиќ: Да се водат постапки - Работник
628views

Со желба да ја подигнеме свеста на работници за нивните права од работниот однос, а воедно и свеста на работодавачите за потребата од почитување и постапување согласно законите при донесување на одлуки, решенија и други акти поврзани со работниот однос, побаравме ставови од страна на адвокатската канцеларија Станојевиќ од Скопје.

Прво од адвокатската канцеларија Станојевиќ ги прашавме дали може на кратко да ни појаснат на што работниците треба најмногу да внимаваат кога од страна на работодавачите ќе им биде врачена опомена, одлука, решение или некој друг писмен акт поврзан со нивниот работен однос. Од таму истакнаа дека најпрво треба да обрне внимание на содржината на писменото, внимателно да го прочитааат за да утврдат за што се работи, да ја прочитаат правната поука која би требало да ја има на крајот од писменото кое им се врачува и да се обратат до стручно лице кое ќе ги насочи како понатаму да постапат.

„Особено сакаме да им укажеме на работниците, да имаат во предвид дека ненавременото постапување по овие писмени акти, го оневозможува понатамошното преземање на дејствија за укажување на правна помош од страна на стручно лице. Имено, согласно Законот за работни односи, сите одлуки кои ги изготвува работодавачот и ги доставува на работникот, истиот има право на приговор во рок од 8 дена од денот на приемот на писменото, а доколку пропушти да вложи приговор, истиот понатаму го губи правото да поведе судска постапка за заштита на своите права“, велат од адвокатската канцеларија Станојевиќ.

На прашањето која е клучната грешка на работниците, а која на работодавачите во овие односи која праксата ја покажала, од адвокатската канцеларија рекоа дека од нивната долгогодишна пракса од оваа област дошле до заклучок дека најголем проблем при разрешување на споровите во односите работник-работодавач и обратно е недостигот на писмената комуникација. Според нив работникот и работодавачот потребно е меѓусебно писмено да комуницираат при отстранување и решавање на проблемите кои произлегуваат од работниот однос.

„Како пример кој би го нагласиле за особено да внимаваат работодавачите, во случаите кога се незадоволни од работата на својот вработен. Согласно ЗРО потребно е да му укажат по писмен пат- со писмена опомена и да му остават рок од 15 дена за да го подобри своето работење. Доколку отсуствува ваквата опомена,работодавачот би имал потешкотии при отказ на договорот за вработување поради лични причини на страна на работникот“ велат од таму.

Тие укажуваат дека работодавачите треба да ги почитуваат прописите од областа за заштита и здравјето при работа на работниците. Да бидат работниците писмено информирани и задолжени со соодветна опрема за заштита при работа, да бидат обучени истата да ја користат и да бидат запознаени дека доколку дојде до повреда на работно место истата веднаш треба да ја пријават кај својот работодавач.

За тоа што според нив би требало да направиме како општество и како држава за подобрување на правата на работниците, од адвокатската канцеларија Станојевиќ истакнаа дека лично сметаат дека одредбите од Законот за работни односи ги заштитуваат правата на работниците максимално, единствено што треба е да се почитуваат овие одредби. Исто така сметаат и дека е потребно и да се спроведуваат почести контроли од страна на Државниот инспекторат за труд како би се отстраниле и доколку е потребно и санкционирале сите поголеми и помали отстапувања при непочитувањето на Законските одредби.

На прашањето за тоа какви заклучоци би можеле да извлечат од досегашните судски постапки кои ги водат од оваа област, тие рекоа дека судските постапки од областа на работните односи се доста чести во последно време, најмногу од причина што е подигната свеста на работниците за своите права, но и работодавачите се повеќе инсистираат на почитување на договорните и законски одредби од страна на своите вработени, па во случаи на непочитување на истите, во последно време се охрабрија и поднесуваат тужби за надомест на штета против свои вработени.

Сметаат дека водењето судски постапки и правењето дополнителни трошоци за странките не е во нивен интерес, но дека треба вонсудски да се најде решение за настанатиот спор во работниот однос со оглед дека во рамки на правните прописи секако за истото постои можност.

„Ние како адвокатска канцеларија имаме богата пракса каде спогодбено и вонсудски сме постигнувале спогодби по разни прашања од оваа област како исплата на неисплатени плати, исплата на неисплатени отпремнини, спогодбени раскини на договори за работа, исплата на причинета штета со постапување на работодавач, исплата на регресна штета од страна на работникот кон работодавачот кој му ја исплатил штетата на трето лице, а била причинета по вина на работникот и многу други случаи“, велат од адвокатската канцеларија Станојевиќ.

Истакнаа дека како адвокатска канцеларија, настојуваат да со квалитетни правни совети укажат и на двете страни во работниот однос дека надвор од законските прописи не може и не смее да се постапува, како и дека тие секогаш на клиентите им ја кажуваат отворено и без заобиколување, реалната фактичка состојба и изгледот за успех во судскиот спор доколку биде поведен.

„Доколку постои ризик истиот им го соопштуваме и ги советуваме да не прават трошоци доколку законот не е на нивна страна. Нашите клиенти ова го почитуваат, па затоа ни ја даваат својата доверба веќе 25 години. Сметам дека само доколку постапуваме на ваков начин ќе достигнеме едно цивилизирано и светско ниво во правосудсвото каде најголем дел од правните спорови во сите области  ќе се разрешуваат во адвокатските канцеларии, а само еден мал дел би завршиле пред надлежните судови“, додадоа од адвокатската канцеларија Станојевиќ.