Старбакс се одмаздува на синдикалните претставници? Ја отпуштиле од работа бидејќи доцнела помалку од пет минути

Компанијата Старбакс веќе подолго време се соочува со предизвици, но не со деловните активности во постпандемискиот период или со приходи, туку со побуна од страна на вработените.

Имено, работниците во отприлика 220 кафетерии ширум САД, гласале за синдикално здружување. До душа, се се случува во „незгоден“ момент, бидејќи економијата забавува, а компанијата жестоко реагира на протестите.

BBC овие денови пишува за Џозелин Чукилјанка (28) која во Старбакс работела како шанкерка речиси седум години и која минатиот месец добила отказ од работа. Младата жена истакнала дека работата ѝ одговарала најмногу поради флексибилноста, па можела да се грижи за својата внука.

Меѓутоа, потоа започнала да ги организира своите колеги во Њујорк, со цел да му се придружат на синдикатот, бидејќи била бесна на компанијата поради односот кон боледувањето во време на пандемијата.

Брзо после оваа иницијатива, Џозелин вели дека шефот започнал да ја казнува за прекршоци кои на другите им биле простувани, како што е доцнење од неколку минути на смена во 5:30 часот наутро.

Кога во јули го изгубила клучот од објектот, се чинело дека тоа било последната капка која ја прелеала чашата, иако веднаш му кажала на својот менаџер за што станува збор. Клучот на крај бил пронајден во кафетеријата.

Во своето известување кое се однесува на отказот, Старбакс како главни „причини“ ги навел доцнењето и инцидентот со клучот.

Но Џозелин, која работела во Старбакс од 2015 година, била шеф на смена и заработувала повеќе од 22 долари на час, вели: „Тоа дефинитивно беше некој вид на одмазда. Никогаш немам видено некој да биде отпуштен затоа што доцни помалку од пет минути“.

Фото: Shutterstock

Синдикалците велат дека конфликтот на Џозелин со компанијата е само еден во низата на пресметки, на национален план, каде отпуштени се повеќе од 75 синдикални активисти, а некои од продавниците се затворени бидејќи компанијата, која се рекламира како прогресивно работно место, се обидува да го запре работничкото движење.

Старбакс, кој поседува речиси 9,000 објекти во САД и дава лиценци на илјадници други, ја порекнува одмаздата. Велат дека го почитуваат правото на работничко организирање. Но, нема сомнеж дека синдикатот го гледаат како закана.

Сепак, од синдикатот „Starbucks Workers United“ ја обвиниле компанијата за прекршување на Законот за работни односи, подигнувајќи десетици тужби против компанијата пред Националниот одбор за работни односи (NLRB), владина служба за заштита на работничките права. Овој одбор поднел 16 сопствени жалби по истрагата на тврдењата и во некои случаи барал судски налози за да веднаш бидат вратени отпуштените работници, што е необично проактивен чекор, додава BBC.

Извор: Telegraf Biznis.rs

Фото: Shutterstock