МакедонијаСиндикат

СТВ: Потпишување на уназадувачки спогодби, откази без дисциплински постапки и покачување на патарини

СТВ: Потпишување на уназадувачки спогодби, откази без дисциплински постапки и покачување на патарини - Работник
568views

Синдикатот за Транспорт и Врски при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС се обраќа до јавноста да искаже големо незадоволство од работата на одредени синдикати и институции во државата, пишува во соопштението за јавност.

„Како прво мораме да нагласиме дека остро се спротивставуваме на акцијата за уназадувањето на работничките права што се спроведува преку Сојузот на синдикати на Македонија, заедно со претставници на Владата, каде што во јавните претпријатија се потпишуваат спогодби за 3,000 денари за К-15 за една година. Спогодбите се потпишуваат за три години наназад, а согласно колективните договори на работниците им следуваат по 24, 000 денари, но очигледно е дека и тие спогодби се ништовни и не произведуваат правно дејство за тоа што ретроактивно не може тоа да се направи. Очигледно е дека Претседателот на ССМ, Дарко Димовски одработува за нечии интереси во јавните претпријатија“, истакнуваат во соопштението.

Наведуваат дека втората причина поради која што го испраќаат ова соопштение е отказот на работникот во јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, затоа што без разлика дали го прекршил кодексот на однесување на јавното претпријатие, следуваат прво дисциплински мерки, каде што може да се намали платата и да се казни работникот со одредена сума. Во ниеден случај не може да се дозволи да се однесуваат директорите кон работниците коишто земаат минимална плата на ваков начин и добиваат откази. И еднаш засекогаш треба да сфатат дека потребно е да се сочувствуваат со нас, дека работиме за социјална помош, а со таа социјална помош обезбедуваме и храна за нашите семејства и ги плаќаме комуналиите.

Истакнаа и дека третата причина поради која синдикатот за Транспорт и Врски се обраќа до јавноста е покачувањето на патарините, коишто ќе се зголемат за 790 денари. Заедно со енормното покачување на горивата и акцизата за гориво на Владата, сега и покачувањето на бензините, ќе придонесат за поскапување на транспортот. Само по себе тоа подразбира покачување на цените на многу производи коишто се дневно неопходни за граѓаните, а со тоа се намалува и стандардот на сите работници во државата. Затоа синдикатот за транспорт и врски, јавно кажува дека нема да дозволи поигрување со работничките права и дека треба Владата да размисли околу намалувањето на акцизите за горивата и за намалувањето на патарините, а и секако сите тие директори и претседатели на синдикати што потпишуваат вакви срамни спогодби, каде што се намалуваат или се уназадуваат работничките права, треба да прекинат со квази-синдикализмот и да се насочат кон вистинските работи за коишто се создадени.