Колумни

Стечајците – некогаш во фабрика, денес револтирани на улица

   Време за читање 6 минути

Автор: Бобан Илијевски

Протестот на стечајните работници од некогашната фабрика „Треска“, бесконечните протести на поранешните вработени на „Охис“ и на оние 64 вработени од „Еурокомпозит“ кои недоамна одржаа протест, се докази дека работниците во оваа држава се препуштени сами на себе и осудени битките да ги водат на улиците, преку искажување на својот револт. Можам слободно да кажам дека кога бев на протестот на поранешните вработени во „Треска“ и кога ги видов нивните бесни и скиснати лица, не се почувствував ни малку убаво. Колегите новинари можат да кажат колку е тешко да се гледаат ваквите луѓе кои не бараат ништо друго, освен она што законски и заслужено им следува. На стечајците од „Треска“ треба да им се исплатат само 24 плати и 2 ипол години работен стаж, што гледајќи на што ги дава парите оваа Влада, не се многу (Да не бидам погрешно разбран, прстот не го насочувам само кон сегашната владина гарнитура, туку и претходната). Овие луѓе макотрпно ги имаат заработено овие пари и бенефиции.

Истото важи и за поранешните вработени во „Охис“ кои непрестајно излегуваа пред Владата и Собранието и си го бараа и сеуште го бараат она што го заслужиле со напорна работа, изложувајќи се себеси на хемикалиите во фабриката, од кои некои луѓе имаат и трајни последици. Само да потсетам, нив државата им должи осум плати од 2008 година и 16 плати од 2012-13 година. На пратениците кои патем голем дел од нив спијат во своите удобни кожнени фотељи во Собранието, им се исплаќаат огромни суми. Толку пари обичниот човек не може да замисли, обичниот работник не може да замисли. Мислам дека навистина е нечовечки и нехумано да се остават овие луѓе без нивните заслужени плати и бенефиции. Во споредба со сумите коишто ги земаат владините функционери, овие пари не се ништо. Како и да е, доколку овие револтирани работници тужат на судот во Стразбур, Македонија ќе доживее светски срам. Со тоа ќе се покаже дека тука работниците не се третираат никако и немаат никакви права. Мој став е дека пресудата ќе биде во нивна корист, а на крајот државата ќе мора да им ги исплати парите, како и, уште еднаш ќе повторам, ќе доживее светски срам.

Ова  ќе биде само уште една од низата на потврди на Глобалниот индекс на Светската Конфедерација на синдикати која Македонија во 2019 година ја оцени како држава каде што системски се кршат работничките права, што значи дека самиот систем дозволува да се кршат работничките права, поради непочитувањто на ратификуваните конвенции на Меѓународната организација на труд, Законот за работни односи и колективните договори.

Бидејќи ги споменав и оние 64 –ца вработени во наменската фабрика „Еурокомпозит“ кои бараат да им се овозможат услови за работа во фабриката, каде што според самите вработени, немало ни работа, ниту пак струја. Тие побараа државата да им обезбеди услови за работа или во спротивно ќе ги известат амбасадите. Треба да ги известат и тоа не само амбасадите, туку сите можни институции од областа на трудот. Најавија и дека ќе ја тужат државата, бидејќи е доминантен сопственик на фабриката, што можеби ќе биде добар потег. Се разбира, доколку тужбата ја поднесат до судот во Стразбур, бидејќи знаеме дека нашево судвство не е функционално и премногу е политизирано.

Порталот Макпрес истакнаа дека од „Еурокомпозит“ 154-ца вработени беа прогласени технолошки вишок кои, заедно со 64-ицата вработени бараат и да им се платат заостанатите придонеси за што е донесен закон во Парламентот. Според порталот А1он, околу 153 стечајни работници од Еурокомпозит се материјално обезбедени од страна на Владата со паричен надомест од по 8,000 денари до нивното пензионирање. Во ред, иако сумата е релативно мала со оглед на трошоците кои ги имаат граѓаните на оваа држава, сепак е нешто позитивно, чекор напред. Но, ова никако не значи дека останатите 64 вработени не треба да го добијат своето. Луѓето изразуваат волја да работат, а бидејќи државата е нивен работдавач, нејзина должност е да им ги овозможи неопходните услови за да можат тие да ја работат својата работа.

Нејсе, пропаѓањето на фабрики не е никако во полза на државата, туку баш напротив е на нејзина штета, но нашите досегашни влади, од осомостојувањето на државата, до ден денеска дозволија да се уништат многу фабрики, можејќи да ги искористат за да ја унапредат економската моќ на државата, но ова е тема за друга прилика, но не за мене. Јас не сум економист и нема да проповедам за работи коишто не ги познавам. Од друга страна, добро ја познавам областа на трудот, поради тоа што брзо учам и планирам уште доста да пишувам на оваа тема, со оглед на тоа дека многу малку се третира во нашата држава.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник