ЕкономијаМакедонија

Стопанската Комора бара 5 отсто од БДП да се инвестираат во образованието

Стопанската Комора бара 5 отсто од БДП - Работник
211views

Еден од трите столба на кои е фокусирана Стопанската комора на Македонија е образованието за потребите на бизнисот и обезбедување стручен и квалитетен кадар, бидејќи неизбежен е фактот дека клучот за економски развој на земјата и општеството во целост се вложувањата во квалитетно образование кое ќе испорачува способни, компетентни и разумни здрави млади луѓе кои се подготвени, но одлучни да се вклучат во сите работни процеси.

Економијата и општеството мора да се потпираат на знаење и стручност, бидејќи само така се овозможува зголемување на продуктивноста во работењето и зголемување на производството и квалитетот на производите, долгорочно планирање на развојот на бизнисот и новите инвестиции. Колку ни е значајно ова прашање, потврдуваат анализите што ги прави Стопанската комора на Македонија од областа на образованието и потребите на деловната заедница , а токму последната анализа беше фокусирана на состојбите во образованието со препораки за воспоставување квалитетно образование – „Образование за 21. Век“.

Паралелно, Стопанската комора на Македонија организираше неколку настани, трибина со учество на сите заинтересирани страни на тема: „ Предизвици за подобрување на дуалното образование – идни чекори“ ; две тркалезни маси на тема: „ Можности за пазарно ориентирано неформално образование“ и „ Дуалното образование и промоција на занимањата за квалитетен стручен кадар“ и последната панел-дискусија со учество на бизнис-секторот на тема: „Стручен кадар по мерка на бизнисот“.

Тоа што беше констатирано на овие настани само ги потврди заклучоците и препораките од анализата која беше спроведена од Стопанската комора на Македонија.

Имајќи предвид дека заклучоците и препораките се однесуваат на неколку аспекти од вкупната реформа на образовниот процес, на оваа прес-конференција, намерата е да ставиме акцент на финансирањето на образованието, како еден значаен фактор кој треба да придонесе за успешно реализирање на реформските процеси кои се веќе започнати.

Во тој контекст, Стопанската комора на Македонија бара да се зголеми процентот на издвојување средства од Буџетот за финансирање на образованието и тоа за 50% од средствата што сега се одвојуваат, или од сегашните 3,7% од БДП да се зголеми на 5%.

Ваквото барање го оправдуваме со фактот дека средствата што сега се одвојуваат не само што не се доволни, туку се и далеку под просекот предвиден од ОЕЦД.

Имено, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, од 2011 до 2016 година, трошоците за образование во нашата земја како процент од БДП, дури и се намалиле од 4,6% на 3,7 %. Овој процент, 3,7%, на издвојување од БДП за образование го имаме и денес, според проекциите на Министерството за финансии.

За споредба, просекот на земјите во ОЕЦД е 5,0% од БДП. Нашата земја одвојува за 25% помалку средства од овој просекот, а земјите кои имаат раст и успех во образовниот систем имаат поголеми одвојувања од Буџетот за таа намена. Словенија одвојува 4,3% од БДП или 14% помалку од просекот на ОЕЦД, а Финска пак 5,7 % од БДП или 35% повеќе од одвојувањето што го прави нашата земја во однос на БДП.

Но уште позначајна споредба е онаа изразена во реална вредност преку која се гледа дека нашата земја многу малку вложува, односно инвестира во образованието по ученик.

Според Буџетот за 2018 година, вкупните трошоци, по ученик, воосновното образование изнесуваат 995 САД долари, во средното образование изнесуваат 1.355 САД долари, додека 1.198 САД долари во високото образование.

Споредено со ОЕЦД просекот, кој изнесува8.500 САД долари за основно образование,10.100 САД долари за средно образование и 15.500 САД долари по ученик за високото образование, излегува дека во Северна Македонија отстапувањето од просекот од ОЕЦД за основно образование е 88,3% , односно се издвојуваат 7.505 САД долари помалку; за средното образование отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 86,6%, односно се издвојува 8.745 САД долари помалку и за високото образование отстапувањето од просекот на ОЕЦД е за 92,2 %, односно се издвојуваат 14.302 САД долари помалку.

Извор: Стопанска Комора на Македонија