- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Стопанската комора преку анализа ќе ја подобрува вработливоста во пет плански региони

Стопанската комора преку анализа - Работник
258views

Нова анализа за потребите на Министерството за образование и наука за предвидување на потребата од работна сила и понудата на кадар со соодветни квалификации кои треба да ги обезбеди образовниот систем, спроведува Стопанската  комора во рамките на проектот „Образование за вработување” поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка. Истражувањето треба да обезбеди релевантни показатели за моменталната и следната побарувачка на вештини од страна на работодавачите во петте плански региони во земјава и да ја подобри вработливоста на работната сила.

Покрај тоа, како што истакна Наташа Јаневска од Стопанската комора на денешната прес-конференција, ќе се добијат и  податоци колку навремено се задоволуваат потребите за вештини на работната сила и како ќе се обезбедуваат во иднина, како и податоци за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потреба од вештини со кои треба да располагаат лицата за да бидат конкурентни при вработувањето и да се планираат нови вработувања за соодветни занимања.

-Врз основа на оваа анализа, која е продолжување на претходната за понудата и побарувачката, ќе се детерминираат потребите од квалификации и вештини, имајќи во предвид дека развојот на техниката, технологијата и сите промени кои се случуваат во реалниот сектор бараат обезбедување на нови квалификациски вештини за да може да се фати чекор со промените и да можеме да се адаптираме на нив, рече Јаневска.

Посочи дека проблемот со немање соодветно квалификувани кадри на пазарот на труд создава пречка кај компаниите да ги пополнат своите работни места со кадар со повисоко ниво на квалификации.

-Динамичноста на економијата бара соодветно образование и дополнителни обуки. Затоа разбирањето на состојбата на пазарот на труд на работна сила е една од главните елементи за предвидување и планирање, но и за обезбедување и развивање на потребните вештини и квалификации, а со тоа и усогласување на потребите на пазарот на труд на понудата и побарувачката. Резултатите од анализата ќе бидат основа од која ќе се градат заеднички ставови на бизнис секторот од една страна и државата од друга страна што ќе овозможи понатаму да се подготвуваат стратегии за идни вложувања на компаниите, а со тоа и идни вработувања, рече Јаневска и додаде дека тоа ќе придонесе за креирање на образовни програми според потребите на реалниот сектор на национално, регионално и локално ниво и креирање соодветни активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување.