ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Стопанска Комора: Компаниите преземаат мерки да не ги отпуштаат вработените

Стопанската комора - Работник
231views

За да може вториот сет на мерки соодветно да се оцени потребно е најпрвин да се видат пропратните уредби и објави во „Службен весник на РСМ“ во кои ќе бидат содржани сите конкретни детали за мерките, велат од Стопанската комора на Македонија за порталот Работник.

„Стопанската комора на Македонија ќе направи анкетирање на своите компании-членки, исто како што тоа беше случај и со првиот сет мерки и тогаш ќе може да ги сумира оценките за новите економски мерки“, велат од комората

Според нив, во моментов можат да се дадат само некои принципиелни согледувања за вчера објавениот втор сет мерки:

  • Јасно е дека неповолните економски случувања поврзани со кризата поради коронавирусот негативно се одразуваат на буџетот на државата. Оттаму, станува јасно дека во моментов Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките. Имајќи го предвид овој ограничувачки елемент, споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат.
  • Понатаму, во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на буџетот на државата, нашата перцепција е дека Владата се подготвува за креирање на финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период. Тоа значи дека всушност се прави распоред на силите и на финансиските средства.
  • Ние претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следат нови, откако државата ќе обезбеди дополнителни финансиски средства по пат на позајмување. Всушност, тогаш и ќе можеме да ја согледаме целината на мерките и неа соодветно да ја оцениме.
  • Досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на ниско платените работни места.
  • Ние очекуваме дека ќе бидат донесени и нови мерки. Доколку тоа не се случи, тогаш товарот од кризата во најголем дел ќе падне на приватниот сектор, посочуваат од Стопанската Комора на Македонија.

Од таму, велат дека компаниите преземаат напори и мерки да не отпуштаат работници, бидејќи изминатиот период покажале дека стопанството се соочува со недостиг на работна сила и исклучително тешко е да се најдат работници. Во таа насока компаниите согласно нивните укажувања планираат да користат одредени модели, но првенствено сакаат да ги задржат вработените. Дел од компаниите (таму каде процесот дозволува) претстојниот период ќе го искористат за одмор, дел размислуваат за реализација на обуки за вработените, што претставуваат  охрабрувачки чекори во дадената ситуација.

Бобан Илијевски