- Advertisement -
ЕкономијаМакедонија

Стопанска комора на Македонија одговорила на повеќе од 2,500 повици на компаниите

Компаниите во април - Работник
193views

По воведувањето на вонредната состојба во нашата земја Стопанската комора на Македонија го приспособи своето работење за да им помогне на компаниите колку што може повеќе. Покрај останатите активности, од 25 март започна да работи и Кризен штаб при Комората. Во моменти кога истекуваат 30 дена од воведувањето на вонредната состојба, а се најавува нејзино продолжување, сакаме да дадеме кратко резиме за досегашната комуникација на Комората.

Во периодот од 25 март наваму, кога беше формиран Кризниот штаб при  Стопанската комора на Македонија, самиот штаб и останатите вработени во Комората одговорија на околу 2.500 прашања од компаниите. За голем дел од прашањата Комората оствари интензивна комуникација и доби појаснувања од Владата и надлежните државни институции. По започнувањето со работа на контакт-центарот на Владата интензитетот на јавувања на компаниите во Комората малку се намали, но тие и натаму продолжуваат.

Од досегашната комуникација со компаниите, општ е заклучокот дека тие сакаат стриктно да ги применуваат прописите што се во важност. Во услови кога заради околностите многу често се случуваат промени во условите за работа, се носат уредби, економски мерки, одредби во однос на периодот на забрана за движење итн., компаниите имаат потреба да се консултираат за да можат да го приспособат своето работење согласно важечките прописи и измени.

Во изминатиот период најголем дел од прашањата на компаниите поставени до Стопанската комора на Македонија се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа.

Искуството од досегашната комуникација на Комората во услови на вонредна состојба покажа дека секоја промена што се прави од страна на надлежните институции треба да биде проследена со истовремено носење на соодветните документи што детално ја објаснуваат промената. На тој начин, се намалува потребата од дополнително разјаснување и се олеснува комуникацијата со компаниите.

Доколку продолжи вонредната состојба во земјава, продолжува со работа и Кризниот штаб при Стопанската комора на Македонија, како и останатите активности на Комората што се одвиваа во постојните околности.

Извор: Стопанска комора на Македонија