ЕкономијаМакедонија

Стопанска Комора: Прогресивниот данок донесе отпуштања и зголемени трошоци кај ИТК компаниите

Стопанска Комора: Прогресивниот данок - Работник
148views

Стопанската комора на Македонија на почетокот на септември 2019 година спровела анкета меѓу своите членки заради согледување на иницијалните состојби и импликациите кои ги има воведувањето на прогресивното оданочување и зголемувањето на стапките на данок од 10% на 15% за одредени лични доходи во првото полугодие на 2019 година и оценување на ефектите од воведувањето прогресивно оданочување. Во периодот во кој се спроведуваше анкетното истражување, добиени се одговори од различни дејности, со најголемо учество на компании од индустријата, градежништвото, информатиката и компјутерското програмирање, металургијата, енергетиката, угостителството и туризмот и комуналната дејност.

Од добиените податоци се утврдило дека од вкупниот број анкетирани кои одговориле на анкетниот прашалник, 51% од фирмите одговориле дека воведувањето на прогресивно оданочување по стапка од 18% нема влијание, во насока на зголемување на трошоците за работа, ниту пак влијае врз промена на нивните деловни одлуки. Ваквите одговори се добиени од компании од секторите: градежништво, преработувачка индустрија, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината и фирми во ТРИЗ (трошоците за даноци влегуваат во рамки на одобрената државна помош).

Клучната причина поради која променетата даночна политика нема влијание во овие сектори се пониските плати во истите (во преработувачката индустрија просечна месечна плата I-VII 2019 година изнесува 20.624 денари, а во градежништвото 22.728 денари). Одредени фирми, во одговарањето на анкетниот прашалник истакнале дека немаат зголемени трошоци за плати и покрај зголемените даночни стапки, бидејќи платите им се дефинирани во бруто износ, при што зголемувањето паднало на товар на нето-платата на вработените.

Во фирмите кои одговориле дека зголемувањето на даночните стапки и воведувањето на прогресивно оданочување има влијание врз зголемување на трошоците за работа, 65% одговориле дека имаат зголемени трошоци врз основа на оданочување на доходот од работа (трошоци за плати). По сектори зголемувањето е:

– над 5% во дејностите услуги во врска со информатичката технологија и компјутерите, компјутерско програмирање, консултантски и информативни услужни дејности;

– во финансиските дејности и дејности на осигурување од 1,5% до 15% и

– 3% во услужни дејности поврзани со воздуxопловниот превоз.

Дополнително фирмите имаат зголемени трошоци и за данок по основ на:

– закуп и подзакуп (6%-90%);

– права од индустриска сопственост (5%-20%);

– авторски и сродни права (6%-15%);

– доход од самостојна дејност (3%-10%).

Според анкетата направена во Комората, 23% од вкупниот број анкетирани фирми се произнесоа дека зголемувањето на стапките на данокот на личен доход влијаело на промена на нивните деловни одлуки и тоа во насока на одложување на планирани активости за реновирање на објекти, намалување на трошоците преку намалување на бројот на вработени и зголемување на цените на услугите заради зголемените трошоци за плати и надворешни соработници, што е особено истакнато во ИКТ-секторот.

Извор: Стопанска Комора на Македонија