МакедонијаПравдаСиндикат

Стоп за извршители: Ако застаруваат кривичните дела, треба да застаруваат и долговите

Стоп за извршители - Работник
3.3Kviews

Ова е втор вторничен протест со поплаки на разочараните, дискриминираните и злоупотребените граѓани од страна на извршителите, пред Министерството за правда.

„Со овие поплаки сакаме да му укажеме на Министерството за правда колку злоупотреби се направени од извршителите во Р. Македонија. Под злоупотреби подразбирам, ненавремено известување, блокирање на сметки, преголеми суми кои не кореспондираат со основниот долг и т.н. Овие злоупотреби граѓаните можат да ги напишат на поплаки и да ги поднесат до Министерството за правда. Зошто? Затоа што Министерството за правда има ингеренција над извршителите. Тие ги назначуваат и тие ги разрешуваат“, рече Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршители“.

Според неа, нивните главни барања кои овие денови со граѓаните согладале дека се неопходни да ги донесат во Министерството за правда се: да престане блокирањето на сметките, што е вметнато во законот за платен промет на кој нема директна ингеренција Министерството за правда, но ингеренција има Министерството за финансии.

„Тој член каде што на извршителите им се овозможува да блокираат сметка во банка е нечовечки, нехуман и се коси со Универзалната декларација за човекови права. На тој начин човекот се оневозможува да ги извади основните средства, односно оние пари кои ги има на сметката“, вели Глигорова.

Таа истакна дека нивно второ барање е наплатата на долгот да не трае повеќе од две години, а не, како што рече таа, по десет години, по петнаесет години, туку тоа да биде кратко. Да трае од денот на дологот до денес, од 2017 до 209 година.

Наведе дека поради големите камати има и диви лихвари.

„Се јавија луѓе кои позајмиле пари од физичко лице, со ненормални камати, а овие луѓе се во спрега со нотари и извршители. Значи див лихвар, односно физичко лице соработува со нотари и извршители и доаѓа до некои ненормални суми. Мора да се престане со ова. Ова го нема никаде во европските држави“, рече Глигорова.

Нивно трето и според неа многу важно барање, е да се почитува застарувањето, затоа што за кривични постапки постои застарување, а за долговите не постои. Таа го спомена и Никола Груевски, чие кривично дело застаре и рече дека за обичните луѓе излегуваат некои виртуелни суми за банка која не постои и траат сеуште. Како пример таа го наведе ЈП Водовод кој од 1987 година наплаќа дологови, а ЕВН исклучува струја за сметки од 2008 година, после 11 години. Според неа, тие се застарени сметки, а човекот веднаш штом остане без струја е како блокиран, бидејќи струјата, како и водата се неопходни потреби.

Глигорова порача дека овие се интеревнтни барања кои бараат Министерството за правда да ги земе во предвид и да преземе мерки. Сето тоа што го прават извршителите подлежи на наљбудувања од страна на Министерството за правда. Рече и дека извршителите се оттргнати од судката власт и луѓето не знаат повеќе каде да бараат помош.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија – КСОМ, Марјан Ристески вели дека од една страна има украдени народни пари, за кои кривичните дела застаруваат. Од друга страна има сиромашен народ чии сметки од 1,000 денари не застаруваат.

„Сведоци сме на тоа дека извршителите го крадат народот. Имаме информација дека само во текот на 2019 година, 20 милиони евра се наплатени од страна на извршителите. Освен што го крадат граѓанинот, ја крадат и државата и некој свесно молчи за тоа. Епа, ние нема да молчиме. Оваа неправда мора да се исправи“, рече Ристески.

Тој истакна дека се најавуваат одредени мерки, но тие мерки не се јасни. Според него за застарување на долгови ќе имало измени во законот.

„Ние бараме конкретни мерки. Ако може да застаре криминалот, тогаш можат да застарат и сметките. Мора да се деблокираат луѓето, за да имаат нормален живот во Македонија. Имаме и најава дека сакаат и од останатите градови да ни се приклучат, но ние немаме финансии за да ги повикаме. Но, ќе дојде и тој ден кога ќе се собреме од сите градови на државата и ќе останеме овде се додека не се прифатат нашите барања“, вели Ристески.

Тој нагласи дека поради сето ова младите луѓе се иселуваат од државата, а уште повеќе ќе се иселуваат доколку не се подобри ситуацијата.

Бобан Илијевски