КолумниНовости

Странските компании во Македонија им ги „крадат“ квалитетните работници на домашните?!

   Време за читање 3 минути

Работните позиции во светските компании, особено оние кои можат да се работат од дома, им се на сѐ поголем досег на луѓето во Македонија. Иако перцепцијата е дека повеќе младите аплицираат на овие работни места, тоа не значи дека и оние повозрасните не го прават истото. Секој што ги има вештините кои ги бара работната позиција има шанси да ја добие. На странските работодавачи не им се важни годините колку што им се важни искуството и вештините.

Земајќи го предвид ова, неоспорлив факт е дека на домашните компании постојано им се намалува „базенот на талентирани работници“. Со континуираното отворање на претставништва на странски компании во Македонија, овој „базен“ значително повеќе се стеснува, а со тоа се стеснува и просторот во кои домашните компании можат да маневрираат при одредувањето на тоа колкава плата и какви бенефити ќе им овозможат на моменталните, но и идните вработени.

Странските компании отвораат свои претставништва во Македонија, од причина што им е поисплатливо во однос на работната сила. Што значи тоа? Ако на пример во САД, работникот треба да го платат 5,000 долари, во Македонија ќе го платат 2,000 или 1,000 долари. Со тоа, автоматски ги намалуваат трошоците. Да бидеме реални, 1,000 или 2,000 долари не се малку за македонски услови (не велам дека е добро што ги плаќаат помалку од работниците во државата од каде што потекнуваат, но сепак сумата не е за потценување), и се доволно за луѓето да можат да живеат поквалитетен живот отколку со 400 или 500 евра плата.

Анализирајќи го сето ова, можам слободно да заклучам дека домашните компании добиваат сѐ поголема конкуренција која нуди значително подобри услови од нив, а со тоа има и поголем потенцијал да им ја „украде“ работната сила кои тие сакаат да ја привлечат. Македонските компании ќе мора внимателно да ги преиспитаат своите приоритети и да утврдат дали се подготвени да дадат повеќе (пари и нематеријални бенефити), за да можат да се носат со конкуренцијата.

Јас навистина сакам домашните компании да бидат оние кои ќе бидат најпривлечни за талентираните македонски работници, но сѐ додека настојуваат да заштедат на нив, малку е веројатно дека тоа ќе се случи.

Како ден ми е јасно дека многу од нашите компании не можат да се мерат со тие од западната хемисфера, но мислам дека кога би покажеле дека прават сѐ што е во нивна моќ за работниците да се чувствуваат повеќе ценети, тие би започнале повеќе да се ориентираат кон нив.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *