Светот на работникот

Текстилијада 3: Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права

Текстилијада 3: Позитивни примери од регионот - Работник
268views

Настаните од социјален и уметнички карактер имаат за цел да поттикнат млади и работници да се вклучат во процесите на одлучување. Преку настаните да им се прикаже на јавноста за потребата од подршка за подобрување на правата на работниците, рече Претседателката на здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева по повод настанот „Текстилијада 3“ кој ќе одржи од 11 до 13 октомври во Штип, за Порталот Работник

„Настаните ќе ги мотивираат учесниците да излезат од рамките на сегашната пракса и за започнат да дејствуваат социјално, ангажирано и одговорно. Здружено и сложно да дејствуваме за потребните промени“, рече Ампева.

Според неа, некогаш работниците биле во центарот на културните случувања, а сега се оставени на маргините, културно и социјално отсечени, а овој настан има за цел да ја врати културата и уметноста помеѓу работниците.

Таа истакна дека насловот на овогодинешната Текстилијада 2019 е „Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права”. Оваа година настанот е осмислен да се прикажат позитивните примери на граѓанските организации од регионот и државите Косово, Албанија и Србија кои започнале процес на соработка заедно со тамошните синдикати и институции. Воедно, има регионален проблем со слабата синдикализација на работниците и непочитување на работничките права поради, како што велат работниците во земјава, изгубената доверба во зборот и институцијата синдикат и нивната функционалност.

„Гости на овогодинешната Текстилијада ќе ни бидат шведските синдикати кои ќе ни дадат примери и искуства како да овозможиме вистинска заштита на работничките права на нивните работни места преку синдикално организирање на вработените“, вели Ампева.

Ампева додаде дека оваа година ќе земе учество и  Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а за прв пат ќе бидат присутни и претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров и уште еден работодавач од источниот регион за кој добивме сознанија дека е позитивен пример на работодавач.