ЕкономијаМакедонија

Текстилни фабрики започнаа со производство на маски

Текстилни фабрики - Работник
244views

Дел од прилепските текстилни компании ги произведоа првите 1.000 заштитни маски. Како што ќе се произведуваат тие ќе се доставуваат до Општина Прилеп која потоа ќе ги распределува до оние кои имаат најголема потреба, прво тоа ќе бидат институциите, а потоа и обичните граѓани. Иако во моментов маски во аптеките нема текстилните компани ги смируваат граѓаните и велат дека нема потреба од паника, маски ќе имало за сите.

„Целта е оваа количина денешна да се распредели правилно и да не брзаат граѓаните да набавуваат премногу маски, затоа што ние нема да престанеме, ниие ќе работиме додека треба, додека има материјал, а има и тоа многу има материјал. Не можеме само одеднаш да произведеме за секој по 1.000 маски и да биде се во ред. Затоа без паника, без страв, маски ќе правиме се додека може“, истакна Горан Илиоски, сопственик на текстилна компанија.

„Во наредните денови дополнително ќе се прават секој ден по неколку илјади маски и истите ќе бидат распределени спрема приоритети од страна на Црвениот Крст и Општината. Да кажам дека тие се бесплатни“, додаде Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Ова е прва ваква иницијатива во Македонија од приватниот сектор за бесплатна изработка на заштитни маски. Маските биле направени од материјал кој може да се пери и маската да се употребува повеќе пати.

Инаку во Прилеп досега нема заболено лице од Ковид 19. Во изолација се 76 лица на кои полицијата им врши секојдневна контрола, а 4 лица од нив денеска заработија и кривични пријави биидејќи не ги почитувале мерките за самоизолација, односно за време на изолацијата се шетале надвор и имале средби со други лица.

До бизнис секторот беше упатен и апел да се донира храна и средства за лична хигиена за социјално ранливите категории и истите да се достават до Црвениот крст. Моментално немало никакви донации.

„Значи се што имаме залииха како храна се за лицата во самоизолација, ама во социјален ризик. Затоа е и овој апел до корпоративниот сектор за да може да одговориме и до таа категорија на социјала значи“, рече Катерина Кочоска, секретар на Црвен Крст Прилеп.

Како мерки за заштита од корона вирусот во Прилеп деновиве се врши дезинфекција на градинките, училиштата, Домот за стари лица, улиците, плоштадите, како и влезовите на градот.

Извор: Сител