Тоа што работниците имаат поголема моќ од газдите е аномалија. Рамнотежата може да се промени – Интервју со Здравко Савески
- Вештачката интелигенција и иднината на работните места: Меч со две острици - 18/09/2024
- Овој град дава 900 евра за да се преселите во него - 16/09/2024
- Да ги задржиме оние кои ни останаа! - 14/09/2024
Интервју со Здравко Савески, универзитетски професор и активист за социјална правда, во кое разговораме за тоа дали треба да се направи ресет на трудовиот систем, за работната сила и нејзиниот одлив, моќта на работниците во услови на нивен недостиг, како и на други теми.
Дали е потребно да се направи ресет на трудовиот систем во Македонија? Доколку да, каков систем ни е потребен?
Се разбира дека е потребна радикална трансформација на трудовиот систем. Системот на наемен труд фактички е систем на наемно ропство, каде што работникот, фактички наемниот роб, значителен дел од својот ден е потчинето суштество, експлоатиран е и доминиран. Слободен е да го напушти својот моментален вработувач, но не е слободен да не се подложи на ново наемно ропство кај друг вработувач. Но, за да може воопшто да се зборува за нов трудов систем, прво треба да се види грдата реалност во која живееме и во која ние сме само човечки ресурси од кои се цеди профит, а потоа и да се сака да се променат работите. Од тоа, во Македонија, работниците во овој период се многу далеку. Па, наемниот систем, сопственото наемно ропство, работниците го прифаќаат не само како неизбежна судбина, туку и како легитимна состојба.
Постои ли можност Македонија целосно да остане без работна сила? Како да ги задржиме работниците?
Македонија не мора целосно да остане без работници за да се јават проблеми во секојдневниот живот на целата заедница. Резултатите поради огромниот извоз на работна сила веќе ги чувствуваме. Паѓа квалитетот на услугите, бидејќи нема работници што ќе ја вршат работата. Најеклатантно тоа го гледаме во болниците, но го има и во други сектори. А допрва ќе се влошуваат работите, со оглед на тоа што извозот на работна сила продолжува со несмалено темпо.
Како да ги задржиме работниците? Тоа е екстремно тешко поради два фактори. Првиот, сѐ додека на богатите земји во Европа им се потребни значителни количини работна сила за да го турка понатаму економскиот раст и сѐ додека се врши (неформална) преференција на работната сила според нејзината боја на кожа, регионите како Балканот и Источна Европа, иако демографски слаби, ќе бидат на удар. А богатите земји се во привилегирана позиција, бидејќи секогаш можат да понудат повисока цена за работната сила отколку посиромашните земји.
Вториот фактор е што меѓу нашите работници буквално се создаде фама дека не во 99% од случаите, туку во 100% од случаите, иселувањето ќе резултира со поквалитетен живот. Па имаме ситуации каде што се иселуваат и семејства со двајца вработени, па дури и со двајца вработени со пристојни плати. Добар дел од фамата се должи на тоа што нашите иселеници, за да го одржат својот позитивен имиџ во очите на другите, не зборуваат за негативните аспекти на нивниот живот во новите средини. Па, поради тоа во Македонија е создадена фама кај големо мнозинство дека само иселувањето е спасот. Јас би им препорачал на сите работници што размислуваат за иселување добро да се информираат околу дестинацијата на иселување, за работните и животните услови таму, да ги извагаат и позитивните, но и негативните аспекти од иселувањето, па дури тогаш да ја донесуваат одлуката за иселување. Особено нека се има предвид дека на богатите европски земји им се прогнозира стагнација, па и криза во наредниот период, а во такви услови имигрантите се особено подложни на удар.
Со оглед на тоа што имаме недостиг на работна сила, дали работниците сега имаат, условно кажано, поголема моќ од работодавачите? Што прогнозирате во однос на ова? Дали таа ќе се зголемува? Ќе дојдеме ли до ситуација платите да се зголемат обемно токму поради недостигот на кадар?
За „нормално“ функционирање на капитализмот потребно е да го има она што Маркс го нарекува индустриска резервна армија, односно значителен број невработени што ќе ги притискаат вработените да прифаќаат пониски плати и помали права. Зашто, како што гледаме во овој период во Македонија, немањето висока невработеност, фактички, недостигот на работници во многу сектори, ја урамнотежува моќта на капиталистот со моќта на работниците. Па капиталистите се принудени да нудат повисоки плати за да привлечат работници, па работниците со леснотија, незамислива до пред само десет години, даваат откази, преминувајќи на работа кај друг вработувач.
Но, треба да се има предвид дека ова не е некакво стекнато право од кое не може да има враќање на полошо, туку аномалија во функционирањето на капитализмот што може да трае одреден период, но не и до недоглед. Капиталистите секогаш можат да увезат работна сила, да инвестираат во технологија што ќе ја замени работната сила, да го префрлат капиталот во бизниси што носат поголема добивка. Инфлацијата покажа дека капиталистите, соочени со недостиг на работна сила, доброволно, дури и без работнички притисок, ги зголемуваа платите. Тоа, меѓу другото, покажа дека нивната стапка на исцедување профит од работниците беше енормна, па тие беа во позиција да исплаќаат и повисоки плати што ќе држат чекор со инфлацијата. Но, ако продолжи исцедувањето на работна сила од Македонија, тоа нема да значи дека платите драстично ќе се зголемат, туку доста поверојатно е дека ќе има затворање на компании и префрлање на капиталот во помалку трудово-интензивни бизнис потфати.
Дали Законот за работни односи повеќе ги фаворизира работодавачите од работниците? Зошто е тоа така, според Вас?
Законот за работни односи и сите останати работнички закони дефинитивно ги фавозиризираат капиталистите. Овие закони се одраз на соодносот на силите меѓу двете страни во наемниот однос. Текстовите на овие закони се пишувани во време кога работниците беа сериозно поразени и кога беа принудени, за егзистенција, да прифаќаат каква било работа. А често, дури и она што го пишуваше во законите, не се спроведуваше во реалноста. А работниците, притиснати од невработеноста и сиромаштијата, тоа молчешкум го прифаќаа.
Денес недостигот на работници го промени соодносот на силите. Но, тоа не се одразува со промени и во законските права. Претходната власт уште од 2018 година исценираше процес за донесување на нов Закон за работни односи, кој се влечеше, се влечеше и на крајот резултираше со некои ситни подобрување и со огромен упад во системот на работнички права преку овозможувањето работното време да се продолжи дури и до физичкиот максимум за работи од „стратешки“ интерес. Главната причина зошто новиот сооднос на силите меѓу работниците и капиталистите не резултира со соодветни промени во законската регулатива е што работниците се склони индивидуално да се обидуваат да си ја подобрат материјалната состојба наместо да се организираат и колективно да се изборат за поголеми права. Па, наместо организирање во компанијата во која работат да се извојуваат повеќе права и организирање во синдикатите, ако треба и преку масовни штрајкови да се извојуваат позитивни промени во законската регулатива, масовно гледаме обиди за индивидуално „решавање“ на проблемот на тој начин што работниците, соочени со проблеми на работното место, даваат откази и преминуваат во наемно ропство во друга компанија, каде што можеби некој аспект е подобар, но некој аспект е полош. Така работниците најчесто, дури и при неколкукратни промени на компаниите, она што го добиваат е – горе-долу истото. А фрустрацијата дека со ваквите трансфери ништо не се постигнува, ја потхранува илузијата дека „само иселувањето е спасот“. За жал, недовербата дека само преку здружена акција може да се извојува значително подобрување на положбата – скапо ја плаќаме.