ЕкономијаМакедонијаНовости

Точно е дека невработеноста се намалува – Докторандот за Работник објасни на што се должи нејзиното опаѓање

   Време за читање 5 минути

Премиерот Димитар Ковачевски, во изјава за медиумите рече дека бројот на невработени во 2016 година беше 25 %, а сега е веќе 12,8 %. Притоа посочи дека во 2025-та година ќе имаме едноцифрена бројка на невработеност. Тука се поставува едно, би рекле, очигледно прашање – на што се должи намалувањето на невработеноста во најголем дел?

Работник на крајот од минатата година направи интервју во два дела со Докторандот по економски науки на Економскиот факултет во Скопје, Кристијан Кожески, во кое, меѓу другото, разговаравме и за невработеноста во Македонија. Конкретно, прашањето беше на што се должи намалувањето на невработеноста.

Во одговорот, Кожески се согласи дека невработеноста е намалена на околу 12 %, посочувајќи дека треба да се има предвид дека вработеноста, на пр. во 2017 година била на ниво од 740,648 вработени, додека во 2022 година, таа се намалила на 692,034, со тоа што во апсолутен износ бројот на работници во Македонија забележува тенденција на намалување.  

Ваквите тенденции, не се само наша констатација, туку се забележани и во извештајот на Светска банка, којашто нотира дека со исклучок на вработеноста во Македонија, во сите земји од Западен Балкан, истата е на пред кризното ниво во 2020 година. Значи, единствено Македонија не го достигнала нивото на вработеност од пред кризната 2020 година, во поглед на бројот на вработени лица, рече Кожески.

Овој увид на пазарот на трудот, како што рече, не може да се направи, без притоа да се анализира движењето на активните деловни субјекти. Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на активни деловни субјекти забележува намалување на истите.

На пр., во 2019 година, бројот на активни компании изнесувал 75,914, додека во 2020, истиот се намалил на 73,061.  Во 2021, бројот на активни компании изнесувал 70,424 и најголем број од нив биле микро претпријатија со помалку од 10 работници, што влијае врз нивните капацитети за иновации, апсорбирање на нови технологии, машини итн.

„Непродуктивни вработувања“

Кожески, зборувајќи за намалувањето на невработеноста, спомна дека во истото улога имаат и непродуктивните вработувања.

Самиот факт што невработеноста забележува надолен тренд во изминатиот период, истовремено трендот на опаѓање на продуктивноста на трудот претставува солидна основа дека во Македонија доаѓа до пораст на непродуктивните вработувања, истакна Кожески.

Според него, ниското ниво на продуктивност на скоро вработените работници не треба да биде поврзано со карактеристиките и вештините на овие работници, туку мора да се гледа и поширокиот контекст.

Треба предвид да се имаат капацитетите на компаниите; дали тие биле спремни? Дали постоела потреба за дополнително апсорбирање на работна сила? Во Македонија се случува еден феномен на пораст на непродуктивните вработувања што се гледа од намалувањето на невработеноста и од негативните тенденции поврзани со продуктивноста на трудот, образложи Кожески.

„Невработени подолго од една година“

Во Македонија, објасни Кожески, имаме и солидно учество на лицата коишто биле невработени подолго од една година. Нивното учество во вкупната работна сила, во 2022 година, се движи околу 11,5 %.

Може да замислите што може да значи за човек да не биде вработен подолго од една година – ја губи самодовербата, ја губи навиката, едноставно се обесхрабрува да бара работа, посочи докторандот.

Процентот на долгорочната невработеност, во вкупната невработеност, изнесува 80 % во 2022 година. Тоа значи дека 8 од 10 невработени лица немале вработување во период подолг од една година.

Да објаснам – 11,5 % беа во однос на вкупната работна сила, додека 80 % е процентот на долгорочна невработеност – лица кои не биле вработени подолго од една година во однос на вкупната невработеност, рече Кожески.

Особено загрижувачки е фактот, како што вели, што во периодот 2006 – 2022 година, процентот на овие лица во просек изнесувал 81 %. Загрижувачки е и тоа што околу 80 % од невработените се невработени подолго од една година.

Од друга страна, од овие невработени лица, 60,869 во 2022 година, согласно должината на невработеноста, биле невработени над 4 години, што за нив, повторната интеграција на пазарот на труд, претставува голем предизвик.

Можете да замислите колкав предизвик е за лице кое четири години е без работа, да се интегрира и активно да бара работа, рече тој и додаде дека иако се забележува намалување на невработеноста, сепак ние мораме да поработиме на одделни групи на невработени лица, коишто забележуваат ниско ниво на пазарот на труд, но и на непродуктивните вработувања.

Фото Илустрација: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси