Трајковски: Затворени 10 маркети, нерегистрираните трговци да се регистрираат најдоцна до 15 октомври
10-тина маркети за 20 дена добија клуч на врата поради непочитување на мерките за цените. Државниот пазарен инспекторат ги казни со над 100.000 евра. Директорот Трајковски ги повика трговците да бидат општествено одговорни, а оние кои ќе ги повторат грешките нема да работат подолго време.
– Првичните пет маркети кои беа зтаворени се различни од оние вторите кои ги затворивме. Не се повторуваат имињата , но ако ги повторат грешките затворањето ќе биде на подолг период, вели директорот Горан Трајковски.
Нерегистрираните трговци имаат рок до 15 октомври да се регистрираат. Во спротивно ќе бидат казнети, а ќе им биде одземена и робата.
Прашан за реакциите од Бизнисот дека немале доволно време да се прилагодат на владините одлуки, директорот Трајковски вели дека целта не е да се казнува, но периодот од пет дена бил доволен за да маркетите да ги поправат грешките.
-Не е фер потрошувач во маркет на пример цената на јогуртот е 109 денари пред одлуките, истиот тој потрошувач да влезе повторно во маркет и да види ознака гарантирана цена, а таа да не биде намалена и повторно да биде 109 денари. Јасно со тоа се доведува во заблуда потрошувачот. Компромиси нема да има за никој, вели Трајковски.
Граѓаните во изминатиот период реагираа дека на рафтовите недостасуваат одредени производи, но Трајковски тврди дека можеби проблемот бил во тоа што се потрошиле залихите, а трговците не испланирале нови нарачки. Првиот човек на Пазарна тврди дека во моментот нема таков проблем, и во маркетите ги има сите производи.
Минатиот пат кога Владата ги замрзна цените ги услови производителите и трговците дека мора да продаваат најмалку 70% од количините кои ги продавале или произведувале до носењето на мерката. Ваков услов сега не беше дел од владината одлука.
Социјалистичката партија ја обвини власта дека продава приказна за заштита на стандардот на граѓаните во која никој не верува.
-Без чувство за сиромаштијата и бедата која навлезе во најголемиот број семејства власта безочно лаже дека сега сите производи се достапни по пониски цени. Мерките за „гарантирани цени“ заедно со „намалување на увозни давачки“ за одделни производи се неефикасни, непазарни и краткотрајни потези без влијание и промени врз живеачката на граѓаните. Напротив овие мерки нанесуваат штета на понудата и побарувачката во пазарен систем и го уништуваат домашното производство на храна, реагираат од партијата.
Бизнисот бара преиспитување на мерките кои ги донесе владата. Здружението за земјоделство и прехрамбена индустрија при Стопанската со писмо до министерот Бектеши вели дека мерката за замрзнување на цените на пијалаците е на директна штета и на производителите и на трговците. Комората бара намалување на акцизата за пивото која во Македонија е за трипати поголема во споредба со земјите од регионот.
Извор: Сител