ЕкономијаМакедонија

ТУК со кампања за поддршка на угостителството

ТУК со кампања - Работник
172views

Туристичко угостителската комора при ССК,  го претстави сетот на мерки за реализација на кампања која се очекува да даде сериозна поддршка за секторот, да се постават нови стандарди за работа, со цел долгорочно да се придонесе за подобрување и унапредување на состојбата во угостителството.

Мартин Ангеловски потпретседател на Туристичко угостителската комора, истакна дека членовите на комората ја следат работата на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и ги почитуваат  стручните препораки кои ги дава комисијата,  насочени кон заштита на здравјето на сите граѓани.  Преку институционална комуникација угостителите покажаа свесност и подготвеност да работат со полно работно време, при што ќе обезбедат највисоки безбедносни стандарди за секторот да работи сигурно, со соодветни мерки за заштита како на вработените така и на гостите.

“Се наоѓаме во фаза во која по долг период постепено се олабавуваат рестриктивните мерки и на луѓето  им е неопходна интеракција и движење. Во таа насока сакаме да делуваме превентивно и да покажеме дека граѓаните ќе бидат безбедни во нашите објекти, бидејќи ќе се обезбеди контролирана средина каде ќе се делува на социјализација со соодветна дистанца и примена на највисоки стандарди на хигиена.

Сакаме да апелираме до сите посетители, од моментот на релаксирање на рестриктивните мерки, да се однесуваат одговорно заштитувајќи се и себе и другите, да се придржуваат кон правилата кои ги диктира состојбата, за да не се доведе никој во дополнителен ризик.

Имајќи го  предвид сето ова, се надеваме на што поскоро отворање на секторот, од кој зависи добар дел од нашата економија и постепено да се навикнуваме на новиот начин на живот“, истакна Ангеловски.

Туристичко угостителската комора при ССК, прзема силна иницијатива за заживување на секторот и сите поврзани дејности и субјекти.  Во тој правец, ќе започне позитивна кампања која ќе придонесе за подобрување на економијата во наредниот период.

„Сведоци сме дека секторите угостителство и туризам се соочуваат со големи предизвици, за таа цел ја најавуваме оваа кампања, пред да биде предоцна за реакција, односно пред да почнат да се носат одлуки за затворања на компаниите кои според глобалните анализи во овој сектор би биле од 15-35%. За таа цел, Ви го претставуваме сетот на мерки кои ќе се отпочнат со оваа кампања, за кои се надеваме дека ќе наидеме на поддршка и од страна на надлежните институции.

Таа ќе се спроведе преку сите електронски и печатени медиуми, социјални мрежи, се со цел да допре до пошироката јавност и ќе се однесува на  поддршка на националните производи – препораки за користење на домашни производи и услуги од компании во секторот угостителство; поддршка на националниот туризам – за хотелите и сместувачките капацитети, како и развој на алтернативниот туризам; поттикнување на социјална одговорност преку континуирано донирање на оброци како и  овозможување на бесплатно сместување за социјално најранливите категории; поддршка за лицата кои се вработените во овие сектори како и поддршка за угостителството со  промоција на  иновативни идеи како гифт-кард за користење во угостителството, централизиран и олеснет пристап до услугите за испорака на производи, насоки за прилагодување на корисниците на услуги кон мерките во пост-корона периодот, како и сеопфатна кампања за враќање на гостите во угостителските објекти  со што сакаме да дадеме до знаење дека угостителството започнува и завршува со пријатното искуство на секој гостин, а ние сме тука да го овозможиме тоа“, изјави Ангеловски.

Тој додаде дека и во периодот на опоравување на секторот кој следи, комората ќе продолжи да дава предлози кон ресорните Министерства за финансиска поддршка, со оглед на тоа што сега ќе се покажат резултатите од досегашните мерки кои беа преземени и тоа дали биле доволни и соодветни или не.

Со застојот во работата на секторот угостителство, дирекно и индирекно се загрозени и голем број поврзани сектори како што се организаторите на настани, рентал компаниите, фотографите, музичката индустрија, дистрибутерите.  Заедничка соработка на сите чинители, реален сектор, институции, граѓани се неопходни за успешно справување со предизвиците со кои се соочуваме и кои ни претстојат.