ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Туристичките работници се надеваат на слух од Владата за нивните барања

Туристичките работници - Работник
47views

Туристичките работници очекуваат од новата Влада и Министерството за економија веднаш да преземат мерки за секторот туризам кој, како што велат, е најпогоден од Ковид кризата.

“Нашите барања се веќе доставени до министерот за економија Крешник Бектеши, кој е запознаен со огромните проблеми со кои се соочивме со затворањето на границите и неможноста да продолжиме да работиме и да егзистираме. Се надеваме на слух и разбирање од нивна страна, бидејќи помошта ни е неопходна за да можеме да опстоиме,“ велат туристичките работници.

Напоменуваат дека доаѓаат есенските и зимските денови, кои се сметаат за мртов период, а со неможноста да се реализираат летните аранжмани, уште повеќе им се отежнува ситуацијата.

„Голем дел од агенциите, превозниците и водичите со престанувањето на финансиската поддршка за плата не исплатија плати за јули и август, а веќе ни пристигнуваат опомени. Не сме во можност да ги покриеме ниту основните трошоци за плата, кирија, сметки и останатите тековни трошоци. Бараме конечна разврска на нашите проблеми, бидејќи се грижиме за работните места на вработените и нашата иднина. Подготвени сме да ги прикажеме извештаите од нашите приливи во изминатите шест месеци, за да докажеме дека состојбата е сериозна и не бараме да профитираме, едноставно да опстоиме додека да дојдат подобри времиња“, посочуваат туристичките работници.

Очекуваат позитивен одговор од Владата, а во спротивно, како што велат, ќе бидат приморани да протестираат повторно.

Според податоците на туристичките работници, во овој сектор работат над 5000 лица, а затворање им се заканува на повеќе од 300 агенции. Тука спаѓаат и превозниците и туристичките водичи.