ЗанимливостиСветот на работникот

Угостителите од Пијанечко-малешевскиот регион ја одржаа традиционалната Угостителска вечер

Угостителите од Пијанечко-малешевскиот регион - Работник
165views

По шести пат синоќа во Делчево се одржа вечер на угостителите од регионот Пијанец – Малеш. На традиционалниот настан учествуваа над стотина угостителски работници, кои долги години своето парче леб го заработуваат од угостителството.

Роберто Цврдачки повеќе од 10 години е вработен во секторот угостителство во Делчево и според него од оваа професија може да се живее, доколку се работи професионално и со љубов.

– Над 10 години сум во овој занает и имам работено во повеќе угостителски објекти како во градот така и надвор од него, но и надвор од државата. Бидејки сме гратче близу до границата со Бугарија, најпочитувани сме меѓу гостите од соседството, кои не жалат пари за добра кујна. Тие се и наши најчести посетители во ресторанот каде работам и задоволство е да се работи со такви луѓе, вели Цврдачки.

Идејата за организирање на угостителската вечер датира од пред шест години, кога угостителите од Пијанец и Малеш започнале спонтано да се собираат, за традицијата да продолжи и годинава.

Угостителството во Пијанечко-малешевскиот регион во моментот зазема значајно место во развојот на локалната економија. Делчево, Пехчево и Берово се градови каде развојот на гастро-туризмот поради големиот број гости од соседна Република Бугарија секоја година бележи подем. Ако продолжи ваквата слика, како што велат самите работници во оваа дејност, угостителството уште долги години ќе биде заштитен белег на градовите од крајниот Исток.

Извор: Сител