Uncategorised

Уреднички коментар

344views

Почитувани наши идни посетители/читатели

Порталот Работник произлезе од преголемата потребата да се создаде медиум, што ќе информира и анализира настани од аспект на работниците, нивните права, активности и нивните приказни во Р. Македонија и светот. Сметам дека покриеноста на ваквите настани од медиумите во Македонија е премногу мала, а реално, според мене треба да е многу поголема. Нема ништо поважно од трудот на човекот, кој го вложува за да може да егзистира во општеството. Сепак, не можам да пркосам на фактот дека медиумите не покриваат одредени настани поврзани со работниците, како што се протестите, но според мене, проблемот лежи во тоа што ваквите настани се постојано цензурирани, особено оние делови, коишто се најмногу реални и ја отсликуваат вистинската ситуација на работниците и нивните права, како и на нивните претставници – синдикатите. Порталот Работник ќе биде активен и на социјалните мрежи како: Фејсбук, Твитер и Инстаграм, бидејќи луѓето токму на овие три социјални медиуми, поминуваат најголем дел од своето време.

За таа цел, на медиумскиот пазар се појави нов медиум, кој едноставно го нарековме: Портал „Работник.мк“. На овој портал сите вести ќе бидат поврзани со работниците. Ќе известуваме за се во врска со нив. Почнувајќи од синдикатите, кои се нивни претставници, па завршувајќи со работодавачите, кои се исто така од интерес на овој портал. Исто така, порталот Работник ќе настојува објективно, непристрасно и балансирано да известува за сите настани, активности и приказни на работниците, без воопшто да наметнува свои ставови, а воедно нема да ги упатува посетителите кон идеолошки концепти, туку стриктно само ќе ги информира, пренесувајќи ги ставовите на работниците, синдикатите, работодавачите и нивните организации, како на ниво на Македонија, така и на светско ниво.

Порталот работник ќе објавува вести за рубриката синдикати (во Македонија и во светот), потоа за економија (во Македонија и во светот); рубрика наука, каде што ќе се анализираат одредени научни публикации, кои се во контекст на трудовото право. Исто така ќе се пишуваат објави и на тема правда, каде што ќе се информира околу законите, кои ги опфаќаат работниците; светот на работникот, рубрика каде што ќе се објавуваат статии околу вистински приказни на работниците; интервјуа, рубрика во која ќе бидат правени со личности од работничкиот свет, како и претставници од синдикати и претставници од организации на работодавачи; забава, рубрика, којашто ќе опфаќа интересни информации, како занимливости; едукација, рубрика каде што ќе се информира за едуцирањето на работниците, синдикатите и работодавачите и рубриката анкети, во којашто ќе се прават анкетни прашалници, од аспект на работничките права, синдикатите и работодавачите. Исто така, порталот Работник ќе известува и за политиките, проблемите и прашањата кои се однесуваат на работниците и работодавачите.

На крајот на денот, наша мисија е да информираме за се што се случува со работниците, најнапред во Македонија, а потоа и во светот.

 

Главен и одговорен уредник на Порталот Работник,

                                                                                     Бобан Илијевски