ЕкономијаСветСветот на работникот

Фабриките се затвораат: Ролс-Ројс во загуба од 7,2 милијарди долари

99views

Британскиот производител на мотори за авиони – Ролс-Ројс забележа рекордна загуба од 5,4 милијарди фунти (7,2 милијарди долари) во првата половина на 2020 година, поради пандемијата.

Компанијата не очекува нарачките да се вратат на исто ниво како пред пандемијата со корона до 2025 година, пренесува Гардијан.

Пандемијата доведе до пад на побарувачката за мотори, бидејќи авиокомпаниите значително ги намалија летовите ширум светот. Ролс-Ројс на почетокот на годината предвиде дека ќе произведе 450 мотори на авиони во текот на 2020 година, но сега планира да испорача само 250 парчиња.

Компанијата го презеде најголемото реструктуирање во својата историја, што ќе резултира со затворање на неколку производствени места, вклучувајќи ги и фабриките на Барнолдсвик во Ланкашир и Енсли во Нотингемшир.

Ролс-Ројс претходно објави дека планира да намали 9000 работни места на интернационално ниво, што е повеќе од 15% од вкупната работна сила, додека  две третини од нив ќе бидат британски работници.

Во соопштението на компанијата се вели дека 2.500 работници од Велика Британија се пријавиле да си заминат доброволно или прифатиле предвремено пензионирање, со што значително се намали потребата за отпуштање од работа.

До денес, 4.000 луѓе од секторот на цивилното воздухопловство ја напуштија компанијата, намалувајќи ја својата глобална работна сила на 48.000 лица. Други 5.000 вработени треба да заминат пред крајот на годината.

Ролс-Ројс предвидува дека со преструктуирање ќе остварат заштеда пред оданочување од најмалку 1,3 милијарди фунти (1,7 милијарди долари) до крајот на 2022 година.

Како дел од нејзините напори да го задржи нивото на својот биланс на долг рок, компанијата најавува дека ќе продаде средства во вредност од најмалку 2,0 милијарди фунти (нешто помалку од 2,7 милијарди долари), вклучувајќи го и шпанскиот производител на мотори ITP Aero, пренесува Гардијан.