Финансиите не треба да бидат изговор, постојат и бесплатни начини да се обучуваат вработените|Интервју со Димитрија Ристевски, Специјалист за обуки
Обучувањето на вработените во голем дел влијае тие да останат во компанијата, но уште поважно, им овозможува да се стекнат со вештини кои ќе им помогнат поефикасно да ги извршуваат своите работни задачи, вели нашиот денешен соговорник Димитрија Ристевски, Специјалист за обуки и развој во Tigo Finance. Во текот на интервјуто со него разговараме на повеќе прашања во однос на колку македонските компании вложуваат во обучувањето на своите вработени, бенефитите од обуките и како микро и малите компании да исползуваат најмногу од истите.
Работник: Во една од Вашите колумни објавени на платформата „24hr“ велите дека една од најголемите замки на менаџерите е што очекуваат од нивните вработени да бидат одлични перформери, често жртвувајќи го нивното континуирано подобрување и раст и развој за таа цел, со изговорите дека има многу работа. Оттаму би Ве прашал, колку компаниите во Македонија, според Ваша проценка, вложуваат во обуки за своите вработени?
Ристевски: Според мене, зборувајќи општо за компаниите во Македонија, се’ уште недоволно. Знам дека има компании кои вложуваат еднакво на реалните потреби; има компании кои вложуваат, но се’ уште со доза на скептицизам за дали обуките навистина ќе направат позитивна разлика; и за жал, има и компании кои и воопшто не вложуваат во обуки. Со оглед на вртоглавите промени на пазарот на труд, компаниите ќе бидат, а и веќе се, и принудени да буџетираат и обуки и развој. Според многу релевантни статистики и истражувања не само што соодветниот план за обуки е важна причина зошто вработените остануваат или не во една компанија, туку и истиот е неопходен за самите вработени да бидат во чекор со знаењата и вештините потребни за соодветно да ги извршуваат нивните работни задачи.
Работник: Зошто е потребно да се вложува во обучувањето на вработените? Кои се клучните бенефити за компаниите?
Ристевски: Пред се’, се зголемува можноста да се задржат квалитетните вработени и да се привлечат нови; потоа, колку вработените се покомпетентни толку тие создаваат и подобри резултати за компанијата, побрзо и поквалитетно ги решаваат задачите; позитивно се влијае на ефективноста и ефикасноста на извршувањето на работните процеси… Можеме да зборуваме за уште многу бенефиции за компаниите, но и за самите вработени, тоа што е најважно е дека на тој начин се развива организациона култура на континуиран раст и развој.
Работник: Дали постои поврзаност помеѓу вложувањето во обуки и задржувањето на вработените во компанијата? Доколку да, колку обуките се одлучувачки фактор за тоа дали вработените ќе останат да работат во одредената компанија?
Ристевски: Ќе се надоврзам на претходните одговори со една позната реална приказна:
CEO поставува прашање до вработениот во HR во една компанија: “Што ако ги обучиме нашите вработени и тие си отидат?”.
На ова, вработениот во HR одговара: “А што доколку не ги обучиме и тие останат?”.
Секако дека е голем и значаен фактор, едноставно, во овој момент е MUST.
Имајќи предвид дека преку 90 % од компаниите во Македонија се микро и мали и истите располагаат со ограничен буџет, како тие би можеле согласно нивните финансии да исползуваат најмногу од обуките? Колку државата би требало да им помага преку финансии кои би ги искористиле за обуки?
Ристевски: Според мене, не смее големината на компанијата или ограничениот буџет да биде изговор за да не се вложува во обуки и развој. Постојат многу бесплатни или многу ефтини начини за учење, платформи на интернет кои нудат бесплатни обуки, книги, видеа и сл. Може и да се развие култура на интерно учење и разменување знаења. Но, многу поскапо чини вработените да не се доволно компетентни, или пак, да се заменат искусните вработени со нови.
Би било одлично државата да има програми за помош на малите и средните компании за обуки и развој.
А малку поопшто, не конкретно за помошта која може да ја даде на компаниите, државата треба да вложува во образование многу повеќе и многу поинаку. Едноставно, немаме друг излез, тоа е портата доколку сакаме општо да влијаеме позитивно на мемталниот склоп, на иднината, на подобро утре.
Фото: Приватна архива