ЕкономијаМакедонија

ФИТР: Огромен интерес за инструментот за економско прилагодување на КОВИД-19 – 166 компании аплицираа во прв циклус

75views

Рекорден број над 2.000 домашни компании подигнаа апликациски пакети на јавниот повик за брзо прилагодување на КОВИД-19, на Фондот за иновации и технолошки развој, од кои 166 поднесоа предлог проекти во првиот циклус.

Компаниите побаруваат речиси 90% од предвидениот буџет од 200 милиони денари, поради што ќе се бараат дополнителни средства, најави директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски. Вкупниот инвестициски циклус е речиси 300 милиони денари од кои 39% или 112.000 денари се учество на самите компании.

„Резултатите од овој прв циклус покажуваат дека дел од домашната економија веќе размислува за заздравување и има конкретни инвестициски планови. За неполни 45 дена имавме над 2.100 подигнати апликациски пакети што е индикатор дека домашната економија овој период на преживување го трансформира во период на размислување како да се развива. Тоа што веќе во првиот циклус ќе бидат искористени речиси 90% од средствата, значи дека во секој следен циклус Фондот во соработка со Владата ќе работи на обезбедување дополнителен износ на средства“, нагласи Деспотовски.

88% од апликантите продолжуваат во следните фази на евалуација и оценување, додека 12% отпаднале како неподобни. Посебно охрабрува фактот што 76% од нив за првпат аплицираат во Фондот, 16% аплицирале претходно, но не добиле средства па повторно се обидуваат, а само 8% користат или користеле средства. Компаниите ќе инвестираат во 15 различни области, меѓу кои продажба трговија и дистрибуција, здравство, екологија, земјоделие, а за првпат не доминира ИТ секторот. Особено е позитивно тоа што со овој повик има зголемен интерес кај компаниите од сите региони, како и зголемен број на компании со жени претприемачи.

„Ова е особено важно бидејќи го пилотираме за првпат и сме успеале да ги мотивираме домашните компании од сите региони да аплицираат. Гледаме и поголемо вклучување на жените, односно 56% од апликантите се во сопственост или менаџирани од жени. Ова покажува дека со добра политика и добро таргетирана мерка можеме да поттикнеме процеси кои ќе дадат конкретни резултати и ќе поттикнуваат економска активност. Бројките покажуваат дека сме успеале во тоа“,  нагласи Деспотовски.

Со овој повик за првпат беше воведен дополнителен критериум за оценување и повеќе поени за компании со жени во управувачката односно сопственичката структура и за компании кои доаѓаат од помалку развиените региони.

Во однос на обемот на компаниите, најзастапени се апликации од мали фирми, 51 отсто, како и од микро претпријатија, 42 процента. За големите бизниси кои не се опфатени со поддршката, Деспотовски најави креирање на нов модел заедно со Стопанските комори и Светската банка.

Се очекува до крајот на месец јули да заврши фазата на претселекција, а финалната селекција до средината на август, по што ќе бидат објавени официјалните резултати и ќе се потпишуваат договори. Во пресрет на вториот циклус Фондот заедно со Светска банка и Стопанските комори ќе им пристапи на сите 2.100 компании кои изразиле интерес за поддршка.

„Ќе бидеме отворени за сите нивни сугестии и предлози за дополнително унапредување на овој модел на поддршка. Следниот циклус кој е планиран за крај на август, ќе размислиме и за проширување на поддршката, разговараме за посебна мерка за извозната дејност. Во почетокот на септември, со вториот циклус на поддршка можеме да очекуваме продолжување на оваа поддршка и евентуално дополнителни мерки кои ќе произлезат од консултациите со коморите. Апелирам до сите домашни компании активно да се вклучат во овој процес, да дадат свое мислење, предлози и сугестии“, нагласи директорот на ФИТР.

Овој повик на ФИТР е дел од третиот пакет економски мерки на Владата на РСМ и е наменет за брзо економско заздравување, за микро, мали и средни компании со потенцијал за успешно работење. Повикот беше отворен од 29.05 до 03.07.2020 година.