ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Хотелите работат со помалку од 10 отсто од капацитетите – отпуштени 30 % од вработените

Хотелите работат - Работник
75views

Голем дел од хотелите во регионот се затворија, а некои не се ни отворени откако почна пандемијата. И во екот на летната туристичка сезона половина од хотелите во Црна Гора беа затворени, а слична беше ситуацијата и во Грција и Хрватска каде голем дел од хотелите останаа затворени. Во Македонија хотелите поради пандемијата повеќе од четири месеци беа затворени, во јули откако се донесоа новите протоколи почнаа со работа, но со многу малку гости.

Според хотелиерите, годинава летната туристичка сезона беше многу слаба, исполнетоста на капацитетите многу мала, а странски гости речиси и да немаше. Хотелиерите велат дека сето тоа не се должи само на строгите протоколи, туку на затворените граници и на слабата мобилност на населението воопшто низ цел свет.

Исполнетоста на капацитети од домашни гости е намалена за 70 отсто, а од странски за 97 отсто кои речиси и да ги нема. Ние претежно работиме со странски гости, па затоа пандемијата многу се одрази на нашето работење. Последиците ќе ги трпиме многу подолго и во наредниот период, вели сопственик на еден хотел во Охрид и додава дека пандемијата го прекинала позитивниот тренд на странски туристи кои во последниве години често ја посетуваа државата.

Во Охридско-струшкиот регион хотелите во моментов работат со помалку од 10 отсто од капацитетите и не можат да ги покријат месечните трошоци за што е потребна исполнетост од над 30 проценти. Поради тоа голем дел од хотелиерите размислуваат да затворат до март.

Интересот за претстој на домашни гости е многу мал, а поради затворените граници странски гости речиси и да нема. Поради состојбата со коронавирусот и ограничувањето на собири нема да има организирани новогодишни забави, а откажани се и неколку семинари. Со оглед на моменталната состојба поголем дел од хотелиерите размислуваат за затворање на капацитетите за декември, јануари и февруари и повторно отворање во март, велат од ХОТАМ.

Кризата најмногу ги погоди градските хотели, кои се базираат на бизнис патувања, конгресен туризам, но и оние во туристичките центри. Поради мали приходи и големи загуби, досега работните места се намалени за околу 30 отсто, а и покрај помошта за плати од државата хотелиерите велат дека ќе има уште отпуштања во секторот.

Извор: Лидер