ПравдаСветСветот на работникотСиндикат

Хрватска: Идната година ќе работат 82 илјади странски работници, синдикатите се плашат од кочење на растот на платите

Хрватска: Идната година ќе работат - Работник
144views

Во Хрватска следната година ќе работат 82 илјади странски работници, пишува денеска Вечерни лист, проблематизирајќи дали странците ќе го закочат растот на платите кој според службените податоци се забавува.

Хрватска во последно време се истакнува по чувствителното намалување на невработеноста и наглото зголемување на квотата за странски работници кои веќе сочинуваат околу пет проценти од вкупниот број на вработени, наведува дневник.

Во подготовка е нов закон со кој се менува режимот на вработување на странци, па повеќе нема да се пропишуваат квоти, туку дозволите ќе се издаваат во зависност од состојбата на пазарот на труд. Системот на квоти би требало да се задржи привремено, првите три месеци, додека законот не ја помине саборската процедура и додека државата не се подготви за прифаќање на странците по новите услови. Работни дозволи оваа година побарале околу 12 илјади компании, а со тоа и многу отишле и до Азија за да најдат работници.

Заедно со донесувањето на новиот закон, се подготвува и одлука за квоти за 2020 година, по која следната година во Хрватска би можеле да работат 81,600 странци, од кои 25 илјади дозволи би се продолжиле за уште една година и би се издале 56,600 нови. Најмногу дозволи се предвидени за во градежништвото, околу 24 илјади и во туризмот, околу 20 илјади.

Дневник истакнува дека странците би морале да работат под исти услови како и домашните работници, но синдикатите велат дека никој не врши надзор дали работодавачите ги почитуваат пропишаните услови, барем во оние два колективни договори чија примена е проширена и ги опфаќа сите компании, во угостителството и градежништвото.

Синдикатите се плашат дека странците ќе го струшат или запрат растот на платите, но ни тие сами засега тој страв не можат да го поткрепат со конкуретни анализи бидејќи ги нема, пренесува Вечерни лист.