Правда

Царовска: Голема трагедија која е врежана во нашата меморија, никогаш да не се повтори

   Време за читање 2 минути

Во присуство на преживеаните од нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау и стотици официјални лица од многу држави во Европа и светот, денес на местото на поранешниот логор во Република Полска, беше одбележан Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот,  кој со одлука на Генералното собрание на ООН е утврден да се одбележува на 27 јануари.

На комеморацијата со која се одбележа 75-та  годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, а на која свое обраќање имаше и претседателот на Република Полска, Н.Е. г. Анджеј Дуда, присуствуваше и официјална делегација на Република Северна Македонија, предводена од Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, а придружувана од претставник на Еврејската заедница од нашата земја.

По обраќањето на Претседателот Дуда, главното обраќање на комеморацијата го имаа преживеаните лица од Аушвиц, кои ги раскажаа горчливите искуства и повикаа на разум, вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат.

„Денес одбележуваме 75 години од ослободувањето на најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во кој што животот го загубија над 1 милион луѓе, најголемиот број од нив Евреи. Со одбележувањето на овој ден се потсетуваме на сите жртви на Холокаустот, помеѓу нив, над 7.000 Евреи од Скопје, Битола и Штип кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. Оваа огромна човечка трагедија е врежана во нашата колективна меморија, не потсетува дека не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. Токму затоа Владата на Република Северна Македонија посветено работи и има цврста определба на сочувувањето на сеќавањата и вистината за Холокаустот. Се бориме и ќе продолжиме да дејствуваме против било каков вид на дискриминација, спречување на говорот на омраза, превенирање и спречување на расизмот и на сите други форми на кршење на човековите права“, истакна Вицепремиерката Царовска по одржаната комеморација за изгубените човечки животи во концентрациониот логор.

Извор: Влада