ЕкономијаМакедонијаНовости

Царовска: Реформираното стручно образование ќе обезбеди квалитетни кадри што ги бара пазарот на трудот

61views

Средното стручно образование треба целосно да се реформира и да се прилагоди на најновите трендови во производството, со што ќе се обезбедат стручни кадри коишто веднаш по завршувањето на образованието ќе може да одговорат на пазарот на трудот. Ова го рече министерката за образование и наука, Мила Царовска на дебата „Премостување на јазот кај вештините за создавање на нови работни места“, организрана од УНДП и Британската амбасада.

“Владата прави конкретни чекори со коишто до крајот на мандатот треба да ја поставиме рамката за средно стручно образование. Сето ова го правиме со огромна поддршка од нашите меѓународни партнери. Она на коешто забрзано се работи во овој момент е воспоставување на 3 регионални ВЕТ центри коишто ќе служат за остручување на кадар којшто ќе биде обучен за да може ефикасно и веднаш по завршувањето на образованието да одговори на пазарот на трудот. Првите вакви центри од идната година ќе профункционираат во Охрид, Тетово и Куманово , но тенденцијата е да се отворат и во сите останати региони во државата”, рече Царовска.

Министерката истакна дека во изминатите 30 години воопшто не било вложувано во средното стручно образование, односно реформите кои се правеле биле во насока да се поттикнува запишување во гимназиите.

„Оваа состојба мора да ја промениме и низ образовниот процес да започнеме да создаваме квалитетен кадар којшто ќе може да одговори на пазарот на трудот. Од годинава веќе ја променивме политиката на стипендирање. Сега за ученичките стипендии може да се пријавуваат и ученици од техничките и текстилните средни училишта, со што ќе го потикнеме запишувањето во овие училишта”, рече Царовска.

Исто така, рече Царовска од огромна корист во моментот е спроведувањето на дуалното образование коешто се реализира со поддршка од стопанските комори во 7 градови во државата. Преку овој вид образование 220 ученици повеќе време поминуваат на пракса во компаниите, а помалку во училиште.
На дебатата беше презентиран и извештај од анализата „Состојбата на тековниот систем на постсредното образование, којашто дава јасни насоки за конкретните промените коишто треба да се направата за да се постигне поквалитетно средно стручно образование.