ЕкономијаМакедонија

Царовска: Се инвестираат над 100 милион евра во изградба и реконструкција на електро-енергетскиот преносен систем за стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија

88views

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева и директорот на канцеларијата на Европската банка за обноца и развој, Анди Аранитаси, денес извршија работна посета на трансформаторската станица Скопје 4, каде се извршуваат активности за реконструкција на трафостаницата.

Вицепремиерката Царовска посочи дека овој енергетски објект е од огромно значење за снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и компаниите од Скопје и скопскиот регион, а за нејзина реконструкција се наменети околу 4,9 милиони евра.

„МЕПСО во изминатиот период покажа дека може да инвестира во обнова и изградба на електро-енергетската инфраструктура, се со цел да обезбеди постабилен пристап до електрична енергија во нашата држава. МЕПСО реализира проекти во вредност од 100 милиони евра, дел од средствата се обезбедени од самата компанија, дел од меѓународни финансиски институции, што укажува дека модернизацијата и подобрувањето на преносната електро-енергетска мрежа е приоритет за нашата држава. Оваа трафостаница, Скопје 4, меѓу другото, ги снабдува со електрична енергија компаниите од  технолошко индустриската зона Бунарџик, значајни за економскиот развој, а обезбедува електрична енергија и за железничката инфраструктура, која како Влада, ја сметаме исто така важна, инвестираме и во нејзиниот развој, се со цел да обезбедиме побезбеден транспорт за нашите граѓани и транспорт на стоките. Реконструкцијата на овој значаен енергетски објект, директно влијае на подобрување на економската состојба, преку развојот за пристапот и стабилноста во снабдувањето со електрична енергија, како за домаќинствата, така и за големите индустриски  капацитети, домашни и странски инвестиции“, нагласи вицепремиерката за економски прашања Царовска.

Генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, објасни дека трансформаторската станица Скопје 4, е многу важен енергетски јазол од каде се напојуваат со електрична енергија потрошувачите во Скопје и околината.

На оваа преносна трафостаница сеповрзани важни дистрибутивни трафостаници како:
–    ТС Југ Нова, коjа го напојува дел од централното градско подрачје;
–    ТС Аеродром, главна напојна точка на општината Аеродром;
–    ТС Исток, која обезбедува напојување за индустриската зона во источниот дел од градот Скопје;
–    ТС Драчево, преку која се обезбедува електрична енергија за цел регион на општина Кисела Вода со индустриската зона во Драчево;
–    Трансформаторската станица на Железница;
–    Индустриската зона Бунарџик и Меѓународниот аеродром Скопје;
–    Градот Велес.
–    На 400 киловолтно напонско ниво, трафостаницата е поврзана со ТС Скопје 5, во северниот дел на Скопје, преку него со Косово, со ТС Дуброво (кај ТЦ Неготино) и ТС Битола 2 (РЕК Битола).

„Реконструкцијата опфаќа замена на стара и дотраена опрема која е во функција околу 45 години со нова, современа високонапонска опрема. Изведувач на работите е компанијата „Кончар КЕТ“ од Р. Хрватска, а во проектот е вклучена и домашната компанија “Тимел Проект” како подизведувач со што МЕПСО дава значаен придонес на домашната економија. Реализацијата на проектот се одвива според утврдената динамка на работа. Договорот е започнат на почетокот на 2019 година со план на реализација од 30 месеци. Реконструкцијата опфаќа: замена на сите разделувачи, потпорни изолатори и мерни трансформатори во трафо и мерни полињана 400 kV напонско ниво, замена на сите прекинувачи со нови темели и носачи, разделувачи и мерни трансформатори на 110 kV напонско ниво, набавка на системи за далечински надзор и управување (SCADA) како и системи за релејна заштита. Вредноста на проектот изнесува 4,9 милиони евра, финансирани со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Процесот на ревитализација ќе донесе подобрена доверливост и квалитет на напојувањето со електрична енергија и зголемена флексибилност во управувањето, а истовремено ќе ги намали ризиците од испади и дефекти, а ќе ги сведе на минимум и трошоците за одржување и експлоатација со постројката“, истакна Шуклева“.

Претставникот на ЕБОР во Северна Македонија, Анди Аранитаси, го изрази своето задоволство што со поддршка на банката се реализираат значителни инфраструктурни зафати во електро-енергетскиот преносен систем, кои значат стабилност и доверливост во снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и бизнис секторот.

„Ми претставува огромно задоволство да ја следам рехабилитацијата на трафостаница Скопје 4, којашто претставува значаен енергетски инфраструктурен објект за стабилно снабдување на електричната енергија на главниот град. Истата е дел од проектот во вредност од 25 милиони евра, финансиран од ЕБОР во кој ќе се рехабилитираат 5 трафостаници и 710 киловолтни далеководи низ целата земја. Работите кои се во тек во трафостаница Скопје 4 вклучуваат целосна рехабилитација со набавка на високонапонска опрема, опема за далечинско управување и релеи на заштита на 110 и 400 киловолтна напонско ниво. Со ова ќе се овозможи намалување на загубите на електричната енергија, подобрување на доверливоста на мрежата и сигурноста на напојувањето и ќе придонесе за натамошно зајакнување на преносниот систем во земјава.

Се радуваме на соработката со МЕПСО за успешно спроведување на овој важен проект и продолжување на нашата лична соработка во енергетскиот сектор во земјава. За нас овој проект е потврда за нашата посветеност кон земјава и регионот и сме одлучни да градиме врз цврстите темели што заедно ги поставивме за проширување на нашите активности“, потенцира претставникот на ЕБОР Аранитаси.