- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Царовска: Со нови законски решенија и зајакнат социјален дијалог го намалуваме недостигот на вештини на пазарот на труд

Царовска: Со нови законски решенија - Работник
129views

Со новиот Закон за образование на возрасни којшто е во собраниска процедура, се воспоставува системот за валидација на неформалното и информалното учење. Валидацијата е важен и остварлив начин како да се намали недостатокот од соодветни вештини на пазарот на труд. Таа воедно овозможува и полесна интеграција на припадниците на ранливите групи и на невработените и ниско квалификуваните луѓе во формалната економија, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусијата организирана од УСАИД за вмрежување на организациите кои даваат деловна поддршка на бизнисите.     

„Со Законот се унапредува и постапката за верификација на посебните програми и за верификацијата на институциите, а двете постапки  се целосно само во надлежност на Центарот за образование на возрасни. Согласно Законот, Центарот ќе биде должен да донесе решение за верификација во рок од 30 дена. За олеснување на процедурите за обезбедувачите на услуги за образование на возрасни, се зголемува периодот на траењето на верификациите од три на пет години, а се воведува и реверификација, односно доколку верификуваната институција успешно ја спроведува програмата од претходната верификација, утврдено врз основа на стручен и инспекциски надзор, важноста на решението за верификација на посебната програма се продолжува за дополнителни 5  години“, укажа министерката Царовска.  

Во подготовка е и нов Закон за средно стручно образование. Нацрт верзијата ќе биде споделена со јавноста, со цел да биде слушнато мислењето на сите засегнати и чинители кои би можеле да помогнат во креирање и усвојување на најдобрата верзија на законското решение. Пред сé од реалниот сектор, затоа што целта е стекнување квалификации за вклучување на пазарот на трудот. 

Министерката Царовска посочи дека согласно барањата на реалниот сектор го усогласуваме повикот за запишување на ученици во средните стручни училишта, и тој е креиран во консултација со локалните самоуправи, компаниите и стопанските комори. Повикот ќе биде објавен за неколку дена. Истовремено, ќе се објави и конкурсот за доделување на стипендии, со што ќе се зголеми атрактивноста на понудените стручни профили. 

Министерството за образование и наука го поддржува Регионалниот фонд за предизвици (The Regional Challenge Fund) во кој се вклучени Германското федерално министерство за економска соработка и развој, Развојната банка KfW и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6. Тоа е нова програма која се обидува да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на бизнисите во Западен Балкан. Министерката Царовска потенцираше дека е значајно што Фондот грантовски помага во надминувањето на недостигот на квалификувана работна сила, преку финансирање инвестиции во опрема, инфраструктура и обуки на кадар, потребни на стручните училишта.