МакедонијаНовостиПравда

Царовска: Стипендии за 287 деца со попреченост, поттикнуваме вклучување на сите децата во редовното образование

Царовска - Работник
45views

Со обезбедувањето стипендии за 287 деца со попреченост кои се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение, се поттикнува запишувањето на учениците со попреченост во редовното образование и се  поддржува инклузивното образование за секое дете, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешното одбележување на почетокот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.

Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30 тутори кои помина низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата во совладување на наставната содржина.

„Инклузивното образование е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на нивното учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Сето тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди и организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете. Тоа истовремено значи и промена на нашите ставови, промена на ставовите во заедницата, но и на општеството во целина, дека сите сме еднакви, но дека имаме различни потреби. Како Министерство имаме јасна визија за обезбедување на инклузивното образование за сите ученици, работиме сите заедно за да донесеме вистинските решенија и ниедно дете да не биде изоставено “, укажа Царовска.

МОН го донесе Упатство за начинот на соработка помеѓу основните училишта со ресурсен центар, центрите за поддршка на учењето и другите основни училишта, со кое се регулира начинот на поддршка, роковите и начинот на финасирањето на поддршката.  Министерката Царовска рече дека е спроведена анкета со сите посебни училишта и училишта кои имаат посебни паралелки, а  кои треба да продолжат да функционираат како ресурсни центри и  центри за поддршка, со цел да ги согледа нивните моментални капацитети и да се подготви план за реонизација, односно да ја определи територијата за обезбедување на поддршката.

Во финална фаза се подготовките за услугата од образовна асистенција, што ќе се испорачува согласно Законот за основно образование и ќе се финансира од Буџетот на МОН за 2021 година. Исто така, во тек е реализацијата на Проект за непречен пристап во 12 образовните институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion, а градежните активности треба да почнат во првата половина на 2021 година .

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека преку овие стипендии ја поттикнуваме инклузивноста на лицата со попреченост. 

“На овој начин се бориме против дискриминацијата, ја промовираме еднаквоста и го подобруваме пристапот до образование”, посочи Гир.

Елена Мишиќ од Фондацијата Чекор по Чекор истакна дека стипендиите се наменети за ученици со попреченост кои се вклучени во редовниот образовен процес.

Мирјана Атанасова Барзанова, мајка на дете стипендист, заблагодарувајќи се за стипендијата, рече дека средствата добро ќе им се најдат во овие услови на пандемија, за она што им е потребно.